Претставата „Смртта на Дантон“ вечерва на „Охридско лето“

На сцената на центарот „Григор Прличев“ вечерва ќе се одигра претставата „Смртта на Дантон“ поставка на босанскиот режисер Дино Мустафиќ, во изведба на Албнскиот театар од Скопје. Претставата се одржува во рамки на Фестивалот „Охридско лето“.

Драмата „Смртта на Дантон“ авторот Георг Бихнер ја напишал во 1837 година во златниот период на германскиот романтизам на неполни 22 години, само две години пред да почине од тифус. Независно револуционерните идеи авторот во оваа драма покажува и сомнеж за начинот на спроведување на револуционерните промени, поставувајќи го прашањето: кога престанува револуцијата? Токму поради тоа дејството во драмата се фокусира на периодот на владеењето и раздорот на самите револуционери.

Режисерот на претставата Дино Мустафиќ е дипломец на Академијата за сценски уметности во Сараево отсек режија, како и дипломец по општа книжевност на Филозофскиот факултет во Сараево. Режира во многу театри и градови како Париз, Софија, Белград, Тирана, Љубљана, Скопје, Приштина, Подгорица…Неговите претстави се изведувани ширум светот на различни јазици и имаат освојувано награди на многу домашни и меѓународни фестивали. Претставата „Хелвеовата ноќ“ на „Камерниот театар 55 “ влезе во историјата на Босанско Херцеговскиот театар како најнаградувана со 23 меѓународни признанија.

Режирал над 80 претстави на класични и современи писатели. Снимал повеќе документарни филмови со кои бил на реномирани фестивали за документарен филм, Монтреал , Амстердам, Истамбул и др.

За претставата е ангажирана екипа од над 20 актери на Албанскиот театар.