Претседателската вила осветлена во портокалово – започна кампањата „16 дена активизам против родово насилство“

Од денеска започнува меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“, токму на Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, а ќе трае до 10 декември, Денот на човековите права. Годинава, Северна Македонија го одбележува овој ден со наговестувањата за промени, кои треба да ги донесе новиот Закон против насилство врз жените и семејното насилство.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека ќе инсистираат на негова целосна примена на терен, за како што велат, да се спречат идни случаи на убиства на жени поради непостапување на полицијата, за да запре двојното малтретирање на жртвите во социјалните центри и судовите и за да им се даде целосна поддршка.

Координирана од Центарот за женско глобално лидерство, оваа кампања се користи како стратегија за организирање на поединци и организации ширум светот, кои се активни на полето на спречување и елиминирање на насилството врз жените и девојчињата.

„Искуството покажува дека еден од најсериозните проблеми е токму непријавувањето од страна на жртвите, што е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, а честопати и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви. Според Министерството за внатрешни работи, за време на пандемијата е евидентиран намален број на кривични дела, но зголемен број на поплаки поврзани со семејното насилство. Значаен дел од поплаките имаат елементи на кривични дела и преземените дејствија на МВР за заштита на жртвите во случај на поплака не придонесуваат за надминување на проблемот. Од почетокот на годинава Хелсиншкиот комитет регистрираше 23 случаи на семејно и родово базирано насилство, за кои беше обезбедена бесплатна правна помош. Во споредба со претходните години, ова не укажува на постоење тренд на пораст на пријавите, што неминовно повторно упатува на ниското ниво на доверба во постапувањето на институциите по ова прашање“, сметаат од Хелсиншкиот комитет.

Тие посочуваат дека и оваа година не изостанале случаите на фемицид, односно убиствата на жена затоа што е жена.

„Со последниот случај на фемицидот во Гостивар се потврди дека најчестата причина поради која физичкото насилство резултира во убиство е несериозниот пристап на институциите кон родово базираното насилство. Несоодветното постапување по пријавите очекувано ја потхранува недовербата. Исто така, фемицидот сè уште не е препознаен во нашето законодавство како посебно кривично дело и покрај тоа што тоа претставува најтешка форма на насилство врз жената и е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво“, реагираат од Хелсиншкиот комитет.

Законот против насилство врз жените и семејното насилство треба да се донесе до крајот на 2019 година, меѓутоа заради закажување на предвремените парламентарни избори не беше ставен на гласање во Собранието, а со кризата предизвикана од пандемијата неговото донесување дополнително се одолжи.

„Ние ќе продолжиме да ја следиме работата на институциите, чија должност и обврска е не само да ги казнуваат насилниците, туку и да креираат политики кои на сите жени, без разлика на нивниот етникум, класа, работен и семеен статус, родов идентитет и сексуална определба, ќе им овозможат да живеат безбедно и слободно. Воедно, и ние како граѓани и граѓанки имаме обврска да се бориме против родово базираното насилство кое е сеприсутно, но и против сите пракси кои перпетуираат родови предрасуди, стереотипи и двојна виктимизација“, порачуваат од Хелсиншкиот комитет.

Слична порака упати и претседателот Стево Пендаровски, кој се приклучи на „16 дена активизам“ така што „Вила Водно“ беше осветлена во портокалова боја, симбол на оваа кампања.

Пендаровски во својата порака истакна дека е нужно секој од граѓаните да има нулта толеранција на сите форми на родово базирано насилство, во секоја сфера – во семејствата, во училиштата, во институциите, на работните места, на интернет, во медиумите, на јавните простори.

Министерката за образование Мила Царовска, пак, порача дека квалитетното образование е клучно да се превенира и спречи насилството врз девојчињата и жените.

Според неа, позитивно влијание на сето ова ќе има и воведувањето на сексуалното образование во основното образование, како и јакнењето на стручните служби во основните и средните училишта кои ќе работат на заштита на менталното здравје на учениците и на наставниците.

„Како Влада изминатите години направивме многу за превенција и заштита од родово базирано насилство. Почнувајќи од ратификација на Истанбулската конвенција, до засилување на мрежата за помош и поддршка и поставување механизми за едукација и превенција. Но, ова е битка која мораме да ја водиме сите заедно, како општество“, порача Царовска.