Претседателот Трамп објави, па избриша твит со расистички слоган

Американскиот претседател, Доналд Трамп, на својот Твитер профил сподели, па избриша, видео во кое негови приврзаници извикуваат расистички слоган „бела моќ“, кој асоцира на превласт на белците.

Како што објавија подоцна од Белата куќа, претседателот Трамп го споделил видеото со неговите приврзаници, но не ги слушнал спорните извици во видеото снимено во малиот град Вилиџис, на Флорида кое прикажува дуел меѓу демонстрантите кои го поддржуваат Трамп и негови противници.

„Благодарам до големите луѓе во Вилиџис“, напиша Трамп на снимката на која се гледаат луѓе во возила за голф украсени со пароли и знамиња на Трамп додека извикуваат „бела моќ“. Се гледаат и противници на Трамп, кои кон неговите приврзаници возвраќаат извикувајќи „нацисти“ и „расисти“.

Од Белата куќа подоцна изјавија дека претседателот го споделил видеото, но не слушнал ниту една од изјавите на снимката. Оваа објава доаѓа во време на протести поради системската дискриминација кои избувнаа откако бел полицаец го задуши Афроамериканецот Џорџ Флојд додека го приведувал.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.