Претседателот Пендаровски прогласи вонредна состојба во Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски соопшти дека ја потпишал предлог-одлуката на Владата за прогласување вонредна состојба на територијата на цела Република Северна Македонија во времетраење од 30 дена поради состојбата со коронавирусот Ковид-19.

„Фактот што за прв пат од нашата независност прогласуваме вонредна состојба укажува колку е сложена ситуацијата во која се наоѓаме и колку е голем ризикот за сите нас. Од денес извршната власт ќе има зголемени надлежности и ќе може да ги користи сите ресурси на државата. Повторувам, сите – и државни и приватни, за посуспешно да се справиме со епидемијата. Во вонредна состојба Владата ќе може да носи уредби со законска сила, со цел да воведе поголеми ограничувања во движењето на луѓето и особено, да обезбеди поголеми средства за поддршка на економијата која влегува во особено кризен период“, рече Пендаровски во обраќањето до граѓаните.

Претседателот Пендаровски посочи дека оној момент кога Собранието ќе биде во можност да се состане, одлуката за прогласување вонредна состојба ќе му биде поднесена на потврдување. Тој напомена дека пред истекот на 30-те дена очекува Владата да му поднесе детален извештај за ефектите од преземените мерки и образложен предлог доколку се побара дополнително продолжување на вонредната состојба за нови 30 дена.

„Како држава и како граѓани не очекуваат тешки денови, но јас немам никакви дилеми во исправноста на одлуките кои ги носам. Очекувам дека и Владата, која ќе ја има најголемата одговорност во престојниот период, ќе биде на висината на задачата и на искушенијата која ги носи актуелниот политички и историски момент. Со оглед на зголемените овластувања, очекувам Владата, надлежните министерства, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и сите инволвирани институции дневно да информираат за сите активности кои ги преземаат, како и за ажурираните планови во иднина“, додаде Претседателот.

Пендаровски посочи дека Владата ќе продолжи да функционира како техничка, а изборите закажани за 12 април ќе мора да бидат одложени и закажани дури кога ќе се создадат услови за фер и демократско изјаснување на граѓаните.