„Преспанското јаболко“ доби заштитена географска ознака со која се потврдува автентичноста

Преспанското јаболко доби свој заштитен географски назив, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Тоа значи дека отсега, називот „Преспанско јаболко“ се заштитува од имитација, злоупотреба и лажно декларирање, односно, се заштитува угледот и автентичноста на овој производ.

„Потрошувачите кои ќе видат производ јаболко што ја носи оваа ознака, можат да бидат сигурни дека ќе консумираат автентиечен производ од Преспанскиот регион со загарантиран квалитет“, велат од МЗШВ.

Оттаму дополнуваат дека Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, потпишал 17 решенија на производителна праспанско јаболко, кои успешно ја поминале верификацијата, па ќе можат непречено да го користат заштитениот географски назив „Преспанско јаболко“.

„Врз основа на член 148 став 1 од Законот за квалитетот на земјоделските производи, Земјоделската задруга ЗЗ Преспанка – преспанско јаболче од Ресен, кон крајот на 2021 година поднесе барање за регистрација на географска ознака до Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство. За таа цел се формираше Стручна комисија за спроведување на постапка за регистрирање на заштитена географска ознака – Преспанско јаболко“, велат од МЗШВ.

Притоа, оттаму дополнуваат дека стручна комисија во целост ја запази постапката за регистрација при што донесени биле две одлуки – одлука дека барањето, ревидираниот елаборат и пропратната документација за регистрирање на заштитена географска ознака – Преспанско јаболко се основани и одлука дека предлог контролниот план изработен од страна на Државниот инспекторат за земјоделство за верификација на соодветноста на производот со елаборатот е основан.

„Државниот инспекторат за земјоделство, согласно одобрениот контролен план, изврши верификација на соодветност на лице место на површините со јаболка кај секој поединечен член на Земјоделската задруга ЗЗ Преспанка – Преспанско јаболче од Ресен и достави Извештај за завршена верификација врз основа на кој Министерот потпиша 17 решенија на производители на Преспанско јаболко, кои во иднина ќе можат непречено да го користат заштитениот географски назив“, се вели во решението.