Премиера на претставата „Непознато“ во кино Култура

Скопје танцовиот театар на 17 мај во 21 часот, во Кино Култура ќе ја одржи премиерата на претставата „Непознато“, која е трета продукција на еднинствената современа танцова компанија во Македонија за 2018 година.

Претставата се состои од две кореографии, првата под наслов „Чудаците“ во кореографија и режија на Матеа Киселичка и „Непознато – фрагменти на извонредна машина“ работена по идеја на Александра Петрушевска.

Во првиот дел настапуваат: Александра Петрушевска, Адријана Данчевска и Анастасија Данчевска, оригиналната музиката е на Борко Биџовски, а се употребуваат и фрагменти од операта „Лакме“на Лео Делиб.

 За својата короеграфија, Матеа Киселичка вели дека секаде наоколу има „чудаци“ и ве поканува на нивното шоу.

Во вториот дел „Непознато – фрагменти на извонредна машина“ настапуваат: Адријана Данчевска, Матеа Киселичка, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Александра Петрушевска, Јоавана Зајкова, Бобан Русески, Сара Цветкова и Тереза Лазарев.

Петрушевска за кореографијата вели дека „импровизацијата се базира на одредени задачи за да се презентира моментумот, конекциите во група, будење на моторот на телото, да се поиграме со преувеличувањата и потценувањата.

Матеа Киселичка, танчер и кореограф. Својата диплома ја стекнува на Скопје танцовата академија, како дел на првата генерација дипломирани студенти на СТА. Од 2013 година работи како асистент на вонредниот професор Рисима Рисимкин на Скопје танцовата академија, а од 2017 година е асистент-демонстратор на Катедрата за современ танц при УГД, Штип. Во 2017 година завршува магистерски студии за изведувачки уметности, кај професор Рисима Рисимкин, со короеграфијата „Истито извор“

Член е на Скопје танцовиот театар. Работи активно во програмите на СТТ, каде учествува во кореографиите на Рисима Рисимкин и на гостите кореографи: Џенис Бренар, Њујорк, САД; Џоан ван дер Маст, Нил Вердрун, Тим Персент, Холандија; Катцура Кан, Јапонија; Антонело Тудиско, Италија; Чао Ке, Кина. Учествува и во кореографиите на млади македонски кореографи: Љупчо Атанасов, Адријана Атанасова, Дора Кокољ, Адријана Данчевска, Валентино Апостоловски, Андријана Андреева.

Автор е на повеќе кратки кореографии: “Изгубено“, 2012, Њујорк; “Загреј го студот“, 2013, Танц Фест скопје, “Отпор“, 2013 во Нов танцов центар, Хаг и “Дел од мене“ 2014 и ““Суштества“ 2015, двете на Танц Фест Скопје.

Со Скопје танцовиот театар настапува на сцените низ Македонија, како и на фестивалите: Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, Хрватска; Саем за танц, Дизелдроф и Културбункер, Келн, Германија; ИТС фестивалот, Амстердам, Холандија (2013), “Open stage” Ротердам и Хаг, Холандија  и “Meet in Beijing” во Пекинг,  Кина(2015), „Share“ фестивал, Братислава, Словачка (2017), „Maritime Silk Road Festival“ Чуанџоу, Кина. Киселичка е селктирана како учесник на Интензивениот курс за кореографи при Школата за нов танцов развој во Амстердам, Холандија и настапува на проектот „Пријатели“ во Vondelpark Open Air театрот  во Амстердам (2017) Amsterdam, Netherlands (2017).

Aлександра Петрушевска, танчер и кореограф на Скопје танцовиот театар. Завршува специјализација со компанијата со која настапува од 2013 година. Активна е во севкупниот репертоар на компанијата, во претставите „СМС (сите мои слики…)“, „Тишина на пчелите“, „Блесок“, „Жива некаде на друго место“, „Најди некој“, „Азбука“, „Погрешно“, „Јас и ние“, „Кожа“, „Д.О.Л.“. Како кореограф дебитира со кореографијата „Симбол“ премиерно изведена во МОТ, а потоја ја создава кореографијаата „Еден“, двете во изведба на Скопје танцовиот театар.

Петрушевска настапува со Скопје танцовиот театар на „ИТС“ фестивалот во Амстердам, Холандија (2013), „Средба во Пекинг“, Пекинг, Кина и “Open stage program” во Ротердам и Хаг, Холандија (2015), „Шер“ фестивалот во Братислава, Словачка (2017), „ Maritime Silk Road Festival“ во Чуанџо, Кина (2017), „Holland Dance Festival“ во Хаг Холандија (2018)

Основан во 2011 година, Скопје танцовиот театар е првата компанија за современ танц во Македонија, предводена од Рисима Рисимкин, како оснивач и уметнички директор. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц.

Скопје танцовиот театар има остварено повеќе гостувања, низ Македонија, како и во странство, и тоа во: Хрватска на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, (2011); Саем за танц, Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија (2012); ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија, (2013); “Meet in Beijing”, интернационален фестивал во Пекинг, Кина, “Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија (2015) и “Share” фестивалот, во Братислава, Словачка (2017), „Maritime Silk Road Festival“ Чуанџоу, Кина (2017) и „Holland Dance Festival“ во Хаг Холандија (2018).