Премиерна изведба на претставата „Дневна доза мазохизам“ во МКЦ

Истражувајќи ја опсесијата како генетски код врз кои се создаваат односите помеѓу луѓето и опседнатоста како пракса која се артикулира во секојдневието, новиот театарски проект на „Пресврт“, „Дневна доза мазохизам“ го разложува човековиот емотивен распад преку конфликтот кој се наоѓа во обичните ситуации.

Утре, на 5 септември, со почеток во 19 часот во „Денсинг“ салата на МКЦ ќе биде одиграна премиерната изведба на претставата „Дневна доза мазохизам“ по текст на младата хрватска авторка Дина Вукелиќ, а во режија на Лука Кортина. Драмата на Вукелиќ „Дневна доза мазохизам“ за прв пат нема ќе биде поставена само во земјава, туку на 5 септември ќе ја има својата светска премиера.

По премиерата во недела, закажани се уште две изведби на претставата за 6 и 7 септември, со почеток од 19 часот.

„Заслепени од виртуелниот идеал, често луѓето се наоѓаат на крстопатот помеѓу она што е и она што посакуваат да биде, како што му се случува и на Тома чие несовпаѓање со светот длабоко се истакнува преку неговата привлечност кон младата „инфлуенсерка“ Софија, која пак се бори со сопствениот наметнат калап на своите обожаватели“, велат за претставата од „Пресврт“.

Актерската екипа на „Дневна доза мазохизам“ се Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Јанка Лефкова, Димитрија Доксевски, Ава Хусеини, Ѓорѓи Јолевски и Амернис Нокшиќи. Сценографијата за претставата е на Мартин Манев, а  костимографијата на Ирина Тошева.

Преводот од оригиналниот текст  е на Горјан Милошевски, а кореографијата е на Наталија Теодосиева.
Продуцент на претставата е Петар Антевски, а за видео проекциите е задолжен Кирил Манчевски.

„Сите оние кои си обезбедија билети за закажаните изведби во јуни, а по откажувањето не ги рефундираа, истите може да ги искористат за било која од трите изведби во септември со претходно известување преку мејл на online@mkc.mk за која изведба сакате да ги искористите“, соопштуваат од „Пресврт“.

Билетите се претставата се достапни на билетарницата во МКЦ и oнлајн . На изведбите ќе се почитуваат актуелните протоколи за организација на настани.