Преку внатрешна истрага „Фејсбук“ пронајде милиони корисници приклучени во десничарски групи кои шират теории на заговор

Преку внатрешната истрага на „Фејсбук“ пронајдени се тајни ФБ групи поврзани со радикално десничарската група за теории на заговор „QAnon“ во кои се приклучени милиони корисници на платформата.

Според документи на „НБЦ Њус“ добиени од вработен во „Фејсбук“, компанијата преку внатрешно поткрената истрага пронашла илјадници „QAnon“ страници и групи на платформата. Заедно, овие групи и страници имаат публика од над 3 милиони членови и следбеници. Само десет од најпопуларните „QAnon“ групи имаат публика од над 1 милион следбеници.

Истрагата на „Фејсбук“ открила и 185 реклами кои го „величаат, поддржуваат или претставуваат“ верувањето на „QAnon“ групите, а компанијата заработила околу 12,000 долари од рекламирањето. Во последните 30 дена, ваквите реклами достигнале над 4 милиони импресии на платформата.

Ваквите податоци ќе бидат искористени за насоки при составувањето на политиките за користење на кои работи „Фејзбук“, истакнале вработените кои анонимно соработувале со „НБЦ Њус“.

„Фејсбук“ треба да одлучи дали ќе ги третира овие групи како останатата екстремистичка содржина. Компанијата ја забрани содржината на бел национализам од својата платформа во 2019 година.

Истата година, „Фејсбук“ воведе нови правила за страници кои шират теории на заговор, особено содржини против вакцинирање. Компанијата ги исклучува ваквите групи од резултатите при пребарување и од автоматските препораки, правејќи ја содржината тешко достапна. Исто така, на платформата забрането е рекламирање на содржини кои поттикнуваат невакцинирање.

Минатата недела, „Фејсбук“ ја блокираше една од најголемите „QAnon“ група – „Official Q/QAnon“ за постојано прекршување на правилата за дезинформации, булинг и говор на омраза. За време на блокирањето, групата имала околу 200,000 членови.

„Фејзбук“ ја презема првата поголема акција против „QAnon“ содржините во мај годинава, кога отстрани мрежа на групи, страници и профили кои ширеле теорија на заговор од своите платформи. Сепак, ваквото отстранување било поради прекршување на полисите на „Фејсбук“ поради координирано неавтентично однесување. Лажните профили биле креирани од мрежата за да се промовира содржината.

Додека Фејсбук уште бара начини за справување со „QAnon“, останатите социјални мрежи веќе поткренале дејствија. Кон крајот на јули, „Твитер“ најави дека ќе ги блокира „QAnon“ од препораките и секциите за трендови, а истовремено ќе ги отстранува сите линкови поврзани со теории на заговор. Веднаш потоа, „ТикТок“ ги блокираше содржините на „QAnon“ од пребарувањата.

„QAnon“ групите се особено популарни кај „беби бумер“ генерацијата, правејќи го „Фејсбук“ совршената платформа која содржи постара демографија за ширење на заговори.

Извор: Mashable