Преку групна изложба, млади автори ги рушат табуата за голото тело

Повеќе од 30 локални уметници се вклучија во заедничка изложба насловена „Цртаме акт“, која се состои од цртежи, фотографии, видео презентација од процесот и перформативноста. Тие изработија 420 уметнички дела инспирирани од дваесетина модели.

Изложбата ќе биде отворена на 9 декември (понеделник) во „Шорт бас“ со почеток од 20:30 часот, а ќе биде достапна за јавноста до 19 декември.

Куратори на изложбата се Маргарита Симовска-академски сликар муралист и Доротеј Нешовски-интердициплинарен уметник.

Во неа учествуваат уметниците: Стефан Китановиќ,Ива Станковска,Лирим Хоџа ,Викторија Ивановска,Димитар Чакар,Теодор Јуруковски,Ивона Ѓорѓиовска,Леона Блажева,Ана Tрајковска,Јасмина Трпевска,Блажка Ми Ева, Магдалена Добревска,Викторија Поповска,Слободан Петровски,Васил Шемковски,Аммар Качар,Мила Миладиновиќ,Маја Симовска,Дарко Стојковски,Данче Станковиќ,Александар Костадиновски и други.

„Цртаме акт“ е платформа носител на идејата за ослободување на поимот голо тело во сите негови видови на постоење: род, пол, националност, религија, идентитети.

„Застанувајќи отспротива на деструкцијата, понижувањето и осудата, помладата генерација ги руши табуата за перформативно изложување на голото тело. На изложените цртежи прикажано е настојувања да се истражи и експериментира со сопственото јас во социолошки општествен контекст преку уметнички интердисциплинарен проект. Целта на изложбата не е да прикаже академизам и конструктивизам на цртежот туку целосна слобода на израз и пристап кон доживување на личноста која позира-перформира“, стои во најавата за изложбата.

Таа е дел од манифестацијата „Нов културен бран 2019″ на Министерство за ултура на Р.С. Македонија.