Преку 70% од младите од Западен Балкан сакаат работа во странство, покажува студијата Балкански барометар 2020

71% од младите во Западниот Балкан размислуваат за работа во странство, додека дури 20% од граѓаните на земјите од регионот сметаат дека одливот на мозоци е еден од главните проблеми на нивните држави, покажуваат податоците од истражувањето Балкански барометар 2020, кое го спроведе Регионалниот совет за соработка.

Истражувањето ги опфаќа шесте држави од Западен Балкан: Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.

Во делот за Северна Македонија се издвојува дека економијата имала опораување во споредба со минатогодишниот извештај, и дека бизнис климата имала мало подобрување. Истовремено македонските граѓани имале најголема доверба. во споредба со другите земји, дека ќе го задржат своето работно место во следните години.

Сепак земјава во истражувањето има најголема загриженост за одливот на мозоци од целиот Западен Балкан, со дури 28% од граѓаните кои сметаат дека тоа е најголемиот проблем за економијата. Дополнително, компаниите од Северна Македонија направиле најмалку во регионот за да го намалат штетното влијание врз екологијата – дури 36% изјавиле дека не презеле ништо во тој поглед.

74 проценти од жителите на Западниот Балкан сметаат дека климатските промени и загадувањето е сериозен проблем, а дури 67% од анкетираните изјавиле дека се спремни да платат повеќе за поеколошки производи.

Во извештајот оваа година е вметната и проценка на влијанието на Ковид-19 во овие држави, а резултатите покажуваат дека 72% од жителите на Западниот Балкан сметаат дека пандемијата е голема закана за нивните земји, додека 68% се многу загрижени за своето или за работното место на членот на своето семејство, а само една третина се задоволни од мерките кои надлежните ги спроведуваат за зачувување на работните места.

Земјите од Западен Балкан сметаат дека најкорумпирани се политичките партии (83%), па судството (80%), царинските служби (79%), здравствените работници (76%) и парламентот (76%). Дури за 10 проценти се искачил бројот на испитаници кои се незадоволни од напорите на владите од Западен Балкан за спречување на корупцијата – скок од 61 на 71 процент.

59% од граѓаните од Западниот Балкан веруваат дека членство во Европската Унија е добра работа, што е скок за 20 проценти од пред пет години, додека мнозинството и понатаму сака вработување во државен сектор (58%) наспроти приватен (12%).