Прегласување во Теарце: до 10 часот има 10 отсто излезеност, мал прекин поради проблеми со УВ ламбите

Излезноста на гласачите во избирачкото место 2011 до 10 часот е околу 10 проценти, соопшти Државната изборна комисија.

Жителите на Теарце гласаат во просториите на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, каде до сега гласале 71 лица од вкупно 714. Следниот податок за излезеност на гласачи Дик ќе го соопшти во 13 часот.

Гласањето се прекина за неколку минути во девет часот поради проблем со УВ ламбите, но по смена на батериите тоа продолжи без проблеми.

Вчеравечер, пак, медиумите пишуваа дека две лица биле пријавени во полициската станица во Тетово за поткуп во Теарце.

Државната изборна комисија одлучи да се повтори гласањето на избирачкото место во оваа општина, врз основа на симулацијата со која се покажа дека прегласувањето може да влијае на бројот на освоени мандати. На терен се набљудувачи на невладините МОСТ и Цивил, кои ги повикуваат граѓаните да пријават случаи со неправилности.

На првичните избори, на 11 декември, своето право на глас го искористиле 404 граѓани во Теарце.