Предлог-законот за охридскиот универзитет оди на второ читање во Собранието

Предлог-законот за охридскиот универзитет кој се најде на 130-та редовна седница на Собранието, денеска со „47“ гласови за и „4“ против, премина на второ читање. Со измените на законот се предвидува досегашните факултети на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ да се спојат во еден Факултет за информатички науки и технологии, но и да се додадат четири други во склоп на универзитетот.

Пратеникот Рубин Земон кој е еден од предлагачите на Законот, на денешната седница вели дека со ваквиот закон не постои никаква опасност за студентите кои во моментов се запишани на универзитетот, како и за вработените.

„Имавме и реакција од одредени заинтересирани страни, студенти и вработени… за нив не постои никаква опасност. Студентите ќе си положат во програмите во кои започнале студиите, така и ќе си завршат, така предвидува законот. Вработениот кадар ќе си биде вработен само во Факултетот за информатички науки и технологии“, рече Земон.

Образложувајќи го законот, тој вели дека со ова се дава позитивен импулс Охрид да прерасне во универзитетски град, како и да се „донесат“ поквалитетни кадри за да може да се заштити градот и државата во областа на животната средина.

Пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека нема да се изјаснат на собраниската седница и дека ќе почекаат на јавната расправа, дополнително прашувајќи зошто се чекало три години.

Драган Данев, пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвини владејачката партија за дисконтинуитет на политиките, во однос на прашањето за преголемиот број универзитети во државата, а вели дека ова што се прави е предизборен популизам.

Тој упати и низа критики во однос на високото образование, кои се однесува на изградбата на зградата на Факултетот на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура и спорт, проблемот со Институтот за хемија, гасифицирањето на Студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, како и ветувањата за изградба на Студентски град.

Во декември, студенти на универзитетот, стравувајќи дека ќе ја изгубат струката „компјутерски инеженер“, побараа целосно отфрлање на овој предлог-закон, упатувајќи петиција до Собранието, Владата и Министерството за образование и наука.

Со новото предлог-законско решение се предвидува, кон Факултетот за информатички науки и технологии да се присоединат досегашниот Факултетот за компјутерски науки и инженерство, Факултетот за комуникациски мрежи и безбедност, Факултетот за применети информатички технологии, машинска интелигенција и роботика, Факултетот за информатички и комуникациски науки и Факултетот за информатички системи, визуелизација, мултимедија и анимација.

Истовремено, во рамките на факултетот треба да бидат отворени факултети за општествени и хуманистички науки; за студии на животната средина; Факултет за применети уметности и Институт за напредни истражувања за заштита и управување со животната средина и културното наследство.

Мартин Колоски