Предавање на Бојан Манчев во Музејот на современа уметност

Предавање на Бојан Манчев, со наслов „Формата на човекот. Политичка свитливост и економија на формите на живот“ ќе се одржи во среда(6 јуни) во Музејот на современа уметност, со почеток од 19.30 часот.

„Отворачката перспектива за предавањето на Бојан Манчев ќе биде политичка херменевтика на класичната трагедија. Хипотезата развиена во „Логика на политическото“ (2012) е следната: трагичниот mythos во себе пренесува моќна, антропотехничка интуиција; го содржи обидот да ја стабилизира формата на човекот или човекот како форма. Сепак, оваа форма има парадоксален состав, претполага иманентна менливост, интимно поврзана со новиот режим на универзално посредување, што понатаму ќе стане познато како право. Така и политичката свитливост и нејзиниот telos, кои ја востануваат човечката форма или субјектот на фигуртивни манипулации и регулации, се судрени со силите кои се контингентни и немаат форма, како оние на чудовиштата и боговите“, се вели во соопштението за настанот.

Во вториот дел од предавањето, Бојан Манчев ќе направи остро свртување кон дискусија за современата ситуација. Настанот е во рамки на програмата на Критичко преиспитување на правото која опфаќа различни научни собири како јавни предавања, експертски симпозиуми и работилници, а исто така предвидува и објавување на научни трудови со различно организирани методолошки и содржински пристапи кон современата критика на правото.

Бојан Манчев (Бугарија), редовно предава на Новиот софиски Универзитет и берлинскиот Universität der Künste. Покрај овие универзитети, како визитинг-професор предава и на други места во Европа, Азија и Северна Америка. Заменик-претседател и бивш програмски директор е на Меѓународниот филозофски колеџ во Париз. Докторирал како студент на Жан-Лик Нанси, со кој потоа продолжил да соработува. Во последните години, неговиот творечки фокус е на политичката филозофија, онтологијата и филозофија на уметноста. Напишал 9 книги и околу 200 други текстови како поглавја во книги, есеи, статии. Пишува на повеќе јазици, а некои од неговите последни книги се: Тело-Метаморфоза (2007), Логика на политичкото (2012), Чудо (2011), Облаци (2017) итн.

Предавањето ќе се одржи со поддршка од страна на Музејот на современа уметност, хотел „Парк“, Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларијата во Скопје и Младинскиот образовен форум.