Предавање на Аленка Зупанчиќ во Музеј на современа уметност

Програмата на Критичко преиспитување на правото го започнува летниот семестар со јавно предавање на проф. Аленка Зупанчиќ, насловено „Сакај го соседот свој како што се сакаш себеси“.

Предавањето ќе се одржи на 13-ти февруари (среда), со почеток од 19.00 часот, во кино-салата во Музејот на современа уметност во Скопје.

Проф. Аленка Зупанчиќ е словенска авторка и една од членовите на тн. Словенска психоаналитичка школа, заедно со Славој Жижек и Младен Долар. Работи како истражувачка во рамки на Филозофскиот институт, Истражувачкиот центар во рамки на словенската академија на науките и уметностите, ZRC SAZU (Љубљана), а редовно предава и на European Graduate School. Автор е на бројни научни текстови и книги во областа на психоанализата и филозофијата, меѓу кои и: Ethics of the Real: Kant and Lacan; The Shortest Shadow: Nietzsche’s Philosophy of the Two; Why Psychoanalysis: Three Interventions; The Odd One In: On Comedy, и најновата книга What is Sex?

„Референците на христијанството и христијанската традиција се некои од клучните состојки во ширењето на десничкарската политика на идентитети во Европа (или пошироко, на Западот), вклучувајќи ги помалку или повеќе експлицитните националистички и расистички политики. Заповедта да се сака својот Сосед како себеси, претходно-споменатата политика ја соочува со проблем и изискува (ре)интерпретација на нејзиното значење. Предавањето ќе се задржи на некои примери од овој интерпретациски обид, и на тоа како се афектира фигурата на Соседот.

Истовремено, ќе бидат истражени причините заради кои Зигмунд Фројд ја согледува оваа заповед како срцевина на она што тој го нарече неугодно (Unbehagen) во културата (Kultur). Каква е оваа агресивност која постојано никнува заедно со фигурата на Соседот, дури и како неразделива од неа? За да се одговори на ова прашање, во текот на предавањето ќе се користат ракурсите на Лакановската психоанализа, но не со цел да се застрани од политичката димензија на прашањето, напротив, туку и со нејзина помош при обидот за одговор и интерпретација. Дополнително, обидите за одговор и интерпретација ќе се одвиваат во контекст на најголемата мигрантска криза после Втората светска војна, која е во тек“, се вели во најавата за настанот.