Пратениците добија пакети со анализи на квалитетот на нивната дебата и одлуките што ги донеле

По повод распуштањето на Собранието и завршувањето на мандатот на пратениците од последниот состав, Институтот за демократија до сите 123 претставници ги достави наодите од набљудувањето на квалитетот на нивната дебата и начинот на носењето на одлуките во парламентот во текот на последната година. Секој од пратениците во заминување, исто така, го доби и извештајот од последната теренска анкета за перцепциите на граѓаните за нивната работа на пратениците.

„Се надеваме дека овие материјали изработени во рамки на проектот „Собранието под лупа“ ќе им овозможат на пратениците подобро и пообјективно да се осврнат и да ги оценат своите пратенички мандати. На оние кои повторно ќе бидат избрани на претстојните избори се надеваме дека овие анализи ќе им помогнат да ги воочат позитивните страни, но и недостатоците и грешките во вршењето на пратеничката функција од аспект на процесот на носење на одлуки во Собранието“, велат од Институтот.

Овие пакети ќе ги пречекаат и пратениците кои ќе бидат избрани на претстојните избори. Целта е на новите претставници на граѓаните да им се дадат јасни наоди и насоки како може да се подобри парламентарната дебата како основна алатка за обликување на одлуките што ги носи Собранието.