Пратеничка бара Јамајка да го прогласи Боб Марли за национален херој

Пратеничката Лиса Хана бара од јамајканскиот парламент да ја прогласи реге легендата Боб Марли за национален херој, пренесува „Евроњуз“.

Предлогот на пратеничката веќе е поддржан од седум Јамајканци, меѓу кои и премиерот Александер Бустаманте.

Предлогот на Лиса Хана се случува откако пред неколку месеци Барбадос ѝ оддаде слична почит на Ријана, во церемонија со која островот ги отсече врските со Британија и се прогласи за република – процес за кој размислува и Јамајка.

„Боб Марли заслужува да биде прогласен за национален херој бидејќи тој живееше кратко, но го промени размислувањето на луѓето ширум светот“, изјавила Хана во интервју за „Ројтерс“.

Пратеничката се надева дека Јамајка ќе го прифати нејзиниот предлог до 6 август, кога Јамајка слави 60 години независност.

Марли е роден во 1945 година. Заедно со музичарите Бани Вејлер и Питер Тош го создаде она што подоцна ќе стане светски препознатливиот реге звук.

Популарноста на Марли помогна во создавање на позитивна слика за Јамајка, остров кој во тоа време беше политички поделен, со бројни улични престрелки помеѓу банди со спротивставени идеологии.

„Марли е доказ дека Јамајка може да биде дом на суперѕвезда во време на сиромаштија и насилство“, изјави Метју Смит, јамајкански историчар на Колеџот во Лондон.

Марша Грифитс, која со години пееше заедно со Марли, исто така го поддржала предлогот на Хана.