Повик за учество на дизајнери на саемот на уметност „Ин Ситу“

Отворен е повик за учество во изложбената поставка за дизајн за петтото издание на саемот за уметност „Ин Ситу“, досега познат како Паратисима Скопје. Саемот кој се ребрендира за петтиот роденден, ќе се одржи од 13 – 15 септември во Младинскиот културен центар во Скопје и се најавува како единствен независен саем на уметност од овој вид и размер во Македонија.

Повикот за учество во изложбената поставка за дизајн, под кураторство на Драган Христов – Лудус, ќе биде отворен до 20 јули.

„Ин Ситу воспоставува комуникација помеѓу „локалното“ и „меѓународното“ по повеќе основи; пред сѐ во контекст на исклучителните и сериозни соработки вклучени во процесот на презентирање на поставките и програмата, потоа преку квалитетот на условите за изложување на независната сцена, а воедно и во однос на разновидната програма која не само што создава нова, многубројна публика и ја одржува љубопитноста, туку ја пласира македонската сцена како рамноправна со меѓународната. Во улога на културен катализатор, Ин Ситу го премостува и нашиот локален јаз, обединувајќи ги различностите во изразувањето, потеклото, познанствата, возраста, академската поткрепа и сите други „формалности“ кои досега беа (зло)употребувани како изговор за професионална видливост и творечка препознатливост, вели Бојана Стојменовска, организатор на саемот.

На саемот се покануваат сите дизајнери од земјава и регионот, да ги претстават најновите колекции, производи и прототипи пред публиката, да ја искористат единствената можност што ја нуди „Ин Ситу“ и да конкурираат за некоја од наградите.

Тричлено жири ќе биде селектор на учесници кои ќе бидат наградени со независни изложби, учество на меѓународни саеми надвор од Македонија и можности за професионален развој и претставување.

Овогодишната програма на саемот ќе содржи три програмски единици: уметност, дизајн и архитектура, проследени со „off“-програма од предавања, работилници, проекции и музички настапи во соработка со национални и меѓународни автори и организации.

До сега саемот брои претставување на повеќе од 450 автори учесници кои потекнуваат од 39 земји, како и 5-7000 посетители само на ланското издание на саемот.

Саемот веќе го објави повикот за учество во поставката за визуелни уметности.