Повик за волонтери за „Вело родео“

Здружението на граѓани „Еко Логик“, за потребите на одбележување на Европската недела на мобилност отвора повик за волонтери. Волонтерски ангажман би бил потребен за 21 септември, за настанот „Вело родео“, од 9 до 15 часот кај „Школка“ во скопскиот Градски парк.

„Го користите вашето слободно време за возење со велосипед? Допринесувате за зачувување на животната средина? Би сакале да бидете вклучени во организација и логистика на настан кој е од отворен карактер? Дали фотографирање или пак снимање видео ви е пасија? Работење со деца ви причинува задоволство? Дали би сакале еден да го искористите за дружба, забава, учење нови едукативни игри? Доколку потврдно одговоривте на некое од наведените прашања и имате минимум 18 години, тогаш ве охрабруваме да се пријавите на овој повик“, велат од „Еко Логик“.

Oсновни обврски на секој волонтер (зависно од покажаните интереси) се логистика,  насоки на учесниците на настанот за реализирање на едукативни игри/содржини, помош  во реализирање на игрите, фотографирање/ снимање/ монтирање на записи и сл.

Заинтересираните волонтери можат да ја пополнат апликацијата на следниот ЛИНК, најдоцна до 18.09.2019 (среда).

Селектираните волонтери ќе бидат известени најдоцна до 19 септември.

Инаку„Вело родео“ е настан од отворен карактер и право на учество имаат сите ученици од основните училишта од 4-то до 9-то одделение кои имаат желба да возат велосипед, да ги покажат своите вештини, како и да се забавуваат и едуцираат преку различни игри. Односно –  „Вело полигон“ (баланс, безбедност, сигнализација, контрола, тргнување, забрзување и запирање, потоа „Еко Не лути се човече“ (во реална големина), „Вело Меморија“, „Еко квиз“ и други.

„Вело родео“ е дел од проектот „Вело Училишта“, проект поддржан од Швајцарската Агенција за развој и соработка. Настаните „Вело родео“ имаат за цел развивање на вештините и способностите за безбедно возење велосипед.

„Вело родео“ како дел од „Вело училишта“ е поддржан од Делегација на Европската Унија во Република Северна Македонија.