Граѓанската организација ПРКОС објави повик за учество на вклучувачки курс за фотографија. Бесплатен е и наменет е за возрасни лица со и без попреченост кои сакаат да научат како да се изразуваат субјективно преку фото-објективот.
„Се состои од десет 90-минутни сесии што ќе се случуваат еднаш неделно. Курсот го осмислува и води Драги Неделчевски по сопствено дизајнирана програма – комбо од теорија и емпирија со нагласена човечна димензија“, посочуваат од ПРКОС.
Курсот ќе почне на 17 февруари и ќе се одржува наредните десет вторници од 12:30 часот, во просториите на ПРКОС, на улица Ванчо Мицков 7А, стан 2, Тафталиџе 2, Скопје.
Максималниот број на учесници на сесиите е десет, а крајниот рок за пријавување е 1 февруари. Мејлот каде заинтересираните можат да се пријават и да дадат повеќе информации за себе е prkosime@gmail.com
Во однос на Драги Неделчевски, тој е активен фотограф повеќе од 45 години. Негов примарен интерес во фотографијата е документарната фотографија. Автор е на неколку самостојни изложби меѓу кои: „Живот во кутија“ [(2009), Скопје, Прилеп, Белград, Сараево, Берн и Нови Сад], „Фотографи(и)“ [(2014), Скопје], „Кратки приказни“ [(2017), Тетово, Струга], „Дијагноза“ [(2022), Скопје]. Со Фото групата „Чкрап!“ од Тетово учествувал во проектот „Колективне праксе и фотографија у региону – Фотодокументи 2017“ [(2017), Белград].
Повеќепати е наградуван на бројни домашни и меѓународни изложби на фотографија. Носител е на звање Фотограф I класа, кое го доделува Фото сојузот на Македонија.
Драги Неделчевски е предавач на програмата „Курс по фотографија“ и ментор на Академијата за фотографија во SKALA School – Џолев и уметностите од Скопје и колумнист во SKALA Magazine. Бил предавач и на неколку курсеви за фотографија за лица со нетипичен развој. Член е на Управниот одбор на ПРКОС.



