Повик за учество на Европски инженерски натпревар за студенти

Студентската организација БЕСТ Скопје организира инженерски натпревар, кој ќе се одржи во периодот од 28 февруари до 4 март во живо.

Како што појаснуваат организаторите, европскиот инженерски натпревар е настан наменет за поттикнување на креативно решавање на комплексни проблеми преку тимска и практична работа. Поделен е во две категории – работење на случај и иноватен дизајн.

Во делот со работење на конкретен случај, студентите ќе се посветат на теоретско решение базирано на реален проблем од инженерството, кое потоа треба да се тестира и презентира, а притоа да биде поткрепено со факти и елементи кои вистински го покриваат проблемот.

Во делот за иновативен дизајн, учесниците треба да смислат нови технолошки дизајни/решенија или да подобрат веќе постоечки дизајни/решенија. Треба да подготват презентација или прототип на дизајнот/решението и го демонстрираат техничкото, социјалното, еколошкото и економското влијание на дизајнот/решението.

„Задачите и проблемите со кои ќе се соочите, ќе бидат зададени од страна на партнер-компаниите. Вашата работа ќе биде следена и оценувана од страна на стручно жири составено од претставници од партнер-компаниите, како и професори од техничките факултети при УКИМ“, се наведува во повикот. 

Победниците од локалното ниво продолжуваат на регионално ниво, од каде што имаат шанса да одат на финалното, европско ниво, со што имаат одлична можност да се запознаат со млади луѓе од други европски земји и да искусат поинаква работна средина.

„За учество на EBEC собирате тим од четворица колеги, правите стратегија и ги истакнувате своите способности со решавање на инженерски проблеми, а воедно имате прилика да се запознаете со претставници од партнер-компаниите на EBEC 2022, Mikrosam и Јohnson Matthey.Воспоставувањето на директен контакт помеѓу студентите и компаниите е клучен дел од остварувањето нашата основна цел, поттикнување на самостоен развој на студентите надвор од факултетот“, се вели во повикот, каде се наведува дека доколку некој не е во тим, може да се пријави сам, а потоа организаторите ќе создадат тим.

Пријавувањето е на следниот ЛИНК.

„Не ја пропуштај шансата да бидеш дел од овој незаборавен настан, да ги испробаш твоите способности, да се запознаеш со претставниците од компаниите како и врвни инженери од различни области“, повикуваат од БЕСТ Скопје.