Повик за пријавување на анимирани филмови на „Анимакс Скопје Фест“

Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ објавува отворен повик за пријавување за годинешното осмо издание на фестивалот, кое ќе се одржи во ноември 2018 во Скопје.

Право да се пријават имаат сите филмови изработени во било која техника на анимирање, завршени по 1 јануари лани кои претходно не биле пријавени на Анимакс Скопје Фест. За да бидат разгледувани, филмовите треба да бидат пријавени во една од следните категории: кратки анимирани филмови, долгометражни анимирани филмови (над 45 минути) и анимирани филмови за деца.

Краен рок за праќање на пријавите и видео материјалите е 20 септември 2018 година.

Тимот на Анимакс најавува и активности во текот на август, проекции на отворено и работилници за деца посветени на анимацијата.

„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје, со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Република Македонија и Градот Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.

Наградите кои ги доделува меѓународната жири комисија на овој фестивал се Златна, Сребрена и Бронзена Тула во секоја натпреварувачка категорија.

На минатото седмо издание на Анимакс се пријавија 3.156 анимации од 88 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други.