Повик за младински планински камп во Мрежичко

Во периодот од 27 јуни до 30 јуни, во село Мрежичко, по четврти пат ќе се одржи Републичкиот камп за обука на млади планинари од државата.

Кампот ќе биде во организација на  Младинската комисија во соработка со ПСД „Орле“ Кавадарци и Центар за обука при ФПСМ, кои потенцираат дека долги години работат на омасовување на планинарството кај младата популација.

„Републичкиот камп за обука на млади планинари и оваа година ќе се организира по правилникот на Младинска комисија за организирање на кампови за едукација на млади. Според правилникот секој учесник што ќе ги исполни потребните норми ќе може да се здобие со називот ‘бронзен даб’, ‘сребрен даб’ и на крај ‘златен даб’. По добивање на трите младински стручни називи, планинарот има право да полага и да добие лиценца за Младински планински лидер, според програмата на Младинската комисија при Меѓународната асоцијација на планинарски федерации – УИАА, Младинската комисија при Балканската планинарска унија“, се вели во повикот за кампот.

Обуката опфаќа теоретски и практичен дел, и едукација преку игри. Предавањата ќе ги вршат врвни и искусни планинари, со лиценца за планинарски водичи или планинарски маркацисти. Ќе се работи на следниве теми: врзување на јазли, подготовка за планинарење, потребна облека и обувки, зависно од временските услови, логорување, ориентација во природа, флората и фауната итн.

Право на учество на кампот имаат млади на возраст од 14 до 20 години, членови на планинарски друштва, членки на ФПСМ.

Кампот ќе се одржи во дворот на планинарскиот дом во с. Мрежичко.

За учесниците организаторот обезбедува материјали за едукацијата, шатори, вреќи и подлоги за спиење и по 5 оброци во ден (појадок, ручек, вечера и 2 ужини).

Бројот на учестово за обуката е 600 денари, а во цената е вклучено – храна, материјали за едукација, превоз од Кавадарци до с.Мрежичко и назад, стручни предавач, награди, благодарници итн.

За подетални информации и пријавување: youth@fpsm.org.mk.

Пријавата на учесници – ОВДЕ, а согласност од родител – ТУКА.