Повик за камп за креативен документарен филм „Докуникулци 2019“

„МакеДокс“, во соработка со Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана, Албанија, и Филмскиот фестивал „Слободна зона“ од Белград, Србија, е во потрага по тазе „Докуникулци“ на возраст од 15 до 18 години кои би сакале да бидат дел од годинашниот камп за креативен документарен филм „Докуникулци 2019“.

„Две генерации на ‘Докуникулци’ се зад нас. Годинава, решивме да ги преминеме границите и да го обединиме регионот преку соработка со млади креативци од Северна Македонија, Албанија и Србија“, се вели во соопштението на „МакеДокс“.

Околу начините на пријавување, заинтересираните треба да снимат видео од себе (5 мин. макс.) и одговори на неколку од  прашања, користејќи англиски јазик:

1. Освен преку соништата, на кој друг начин бегаш од секојдневието?
2. Кога би можел да бидеш животно или растение, кое би бил/а и зошто?
3. Кое е твоето прво сеќавање?
4. Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што прво би ти кажало и зошто?
5. Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?
6. Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите?
7. Што би издвоил/а за себе како важно и откачено?
8. Како би се чувствувал/а и што би искреирал/а доколку излезеш од својата
комфорна зона и немаш пристап до интернет седум дена?

„Видеото испрати ни го на dokunikulci@makedox.mk преку WeTransfer. Доколку си во можност, прикачи го видеото на VIMEO или YouTube и заштити го со лозинка, а нам испрати ни ги линкот и лозинката“, велат од „МакеДокс“.

Повикот е отворен до 23 јуни 2019 година, а резултатите ќе бидат објавени до 25 јуни 2019 година. По објавата на резултатите, учесниците имаат една недела да се спакуваат, да го најдат својот валиден пасош и да обезбедат родителска, односно старателска дозвола за учество доколку се малолетни.

Филмскиот камп „Докуникулци“ ќе биде дел од Патувачкото кино на „МакеДокс“ (5-12 јули т.е. 7 дена). За време на активностите во кампот, учесниците ќе добијат увид во знаењата и вештините од областа на документаристиката пренесени од членовите на креативниот тим на „МакеДокс“, професори од Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ и пријатели на „МакеДокс“ од други земји кои се докажани
доку-професионалци.

„Бараме млади луѓе, доволно храбри да се изразат креативно и слободно, спремни да се впуштат во незаборавна авантура. За време на кампот ќе ги развиваме вашите идеи за документарни филмови. Доколку ни се поклопат ѕвездите, три од вкупниот број на идеи ќе бидат реализирани во текот на следната година. Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но имај на ум дека сместувањето, особено за време на Патувачкото кино, не е во хотел со пет ѕвездички, туку автентично искуство со тимот на „МакеДокс“, понекогаш и под отворено небо со милион ѕвезди“, соопштува „МакеДокс“, кои потенцираат дека за сите прашања, заинтересираните можат да пишат на dokunikulci@makedox.mk.

Патувачкото кино е составен дел од „МакеДокс“ и се случува низ руралните средини во Северна Македонија. Годинава, киното ќе патува низ селата во Северна Македонија и Албанија околу Охридското езеро.

Новата генерација на „Докуникулци 2019“ е овозможена од фондот Западен Балкан (Western Balkan Fund) во партнерство со Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана, Албанија, и Филмскиот фестивал „Слободна зона“ од Белград, Србија.