Повик за доделување стипендии за практична работа во Германија

Младите од Западен Балкан и оваа година може да се пријават за стипендии за практична работа преку програмата на Комитетот за Источна Европа при Сојузното здружение на германската индустрија. Рокот истекува на 31 октомври 2014 година.

Повик за доделување стипендии за практична работа во Германија

Првпат воведена во 2003 година, програмата за практична работа спроведувана од германската стопанска комора овозможува млади луѓе од Западен Балкан да стекнат вредни искуства како практиканти во познати германски фирми. Станува збор за иницијатива чија цел е помирување на земјите од регионот преку засилена соработка и стабилно партнерство.

За неколкумесечен работен престој може да се пријават млади луѓе кои се во подоцнежен стадиум од своите студии или кои веќе дипломирале. Познавањето на германскиот јазик не е неопходно, така што може да учествува секој што го владее само англискиот јазик.

Кандидатите се пријавуваат на интернет-платформата на самата програма, и тоа преку линковите што водат до нивната соодветна област (новинарство, архитектура, информатичка технологија, електротехничко инженерство, итн).

Оние што ќе влезат во потесниот круг ќе бидат повикани на интервју во Скопје на почетокот на идната година. Известување за исходот од интервјуата следува еден месец подоцна, кога се носи и конечната одлука.

Потребни документи за електронско внесување на пријавата:

-писмо за мотивација (на германски или на англиски јазик),
-кусо резиме,
-засебна (портретска) фотографија,
-скенирано уверение за положени испити со обичен превод на германски или на англиски (не е потребен судски превод).

Оригиналните документи треба да се достават на увид од кандидатите што ќе бидат повикани на интервју.

За повеќе информации посетете ја официјалната интернет-страница на програмата. Рокот за пријавување истекува на 31 октомври 2014 година.

Извор: Излез