Повеќе од 10 активни пожари на територијата на државава

Низ државата во моментов има над 10 активни пожари, но засега ниеден од нив не е во критична состојба, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК) за Радио МОФ.

Оттаму потенцираат дека зачудувачки е голем бројот на пожари за овој нетипичен период од годината.

„Активен е сѐ уште пожарот над Попова Шапка во атарот на село Лисец, како и пожарот во Мавровско, над место викано Железна Река кај манастирот „Св. Никола“, таму гори шума на непристапен терен. Сѐ уште исто така е активен и пожарот во Крушево на потегот манастир „Свето Преображение“ кон селата Рилево и Горно Дивјаци, каде гори млада, високостеблеста, дабова и букова шума, нискостеблеста деградирана шума, папрад и трње“, информираат од ЦУК.

Фото: Скијачки центар Маврово

Потенцираат дека пожарот на пределот околу манастирот „Свето Преображение“ е изгаснат, а преку соопштение до медиумите, Скијачкиот центар Маврово информира дека пожарот кој бил во близина на двосед жичарата е изгаснат благодарение на систем за вештачки снег.

„Има активни пожари и во Прилепскиот регион, Кичевско, Македонски брод, Велешко, како и на планината Кожув помеѓу караулите Козјак и Пуљевац каде гори високостеблеста борова шума и се наоѓа на непристапен терен“, велат од ЦУК.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), преку соопштение денеска упатија апел до граѓаните да се однесуваат одговорно на отворено со цел да се намалат заканите од пожари.

„Посебно апелираме земјоделците да не ги палат стрништата и сувите остатоци по дворовите, а граѓните да се воздржат од какво било палење на оган на отворено. Според податоците од ЈП Национални шуми, годинава е опожарена вкупна површина од над  14 000 хектари. Со оглед дека пожарите имаат сериозни негативни последици не само за шумскиот фонд, туку влијаат и на влошување на квалитетот на воздухот, на животот и здравјето на луѓето, на биодиверзитетот и на целокупните климатски промени, напоменуваме дека сторителите ќе бидат казнети согласно пропишаните законските одредби кои предвидуваат парични казни за физички и правни лица“, стои во заедничкиот апел на МЖСПП и МЗШВ.

Мартин Колоски