Повеќе хотели во Маврово отпадните води ги испуштаат во езерото или во Радика, утврди Инспекторатот

Девет фирми на територијата на Националниот парк „Маврово“ немаат Елаборат за заштита на животната средина, а голем број угостителски објекти ги испуштаат отпадните води во Мавровското Езеро или пак во реката Радика, утврди Државниот инспекторат за животна средина по надзор на дел од правните субјекти на оваа локација.

Од Инспекторатот велат дека интензивниот надзор почнал по преставка на граѓани.

„Досега се инспектирани 18 објекти и утврдено е дека 9 не поседуваат Елаборат за заштита на животната средина. Голем број инспектирани угостителски објекти директно ги испуштаат отпадните води во Мавровско Езеро или реката Радика, како на пример хотелите “Радика”, “Бистра”, “Спорт”, “Лодге” и “Алпине”. Помали погони, како на пример “ЕуроЕдил”, “Новитет” и “Техно Блок”, сите лоцирани во село Скудриње, исто така немаат Елаборати за заштита на животната средина и испуштаат отпадни води во реципиент без пречистување“, соопштија од Инспекторатот.

Оттаму додаваат дека сите субјекти кај кои се најдени неправилности се задолжени најпрво да ја обезбедат потребната документација, како одобрени Елаборати за заштита на животната средина, дозволи за испуштање на вода во реципиент, проекти за изведба на пречистителни станици и слично, а потоа ќе добијат соодветни рокови за да ги применат сите неопходни мерки за спречување на загадувањето.

Од Инспекторатот најавуваат дека до крајот на март ќе се изврши надзор врз сите правни субјекти и ќе се преземат мерки за корекција на сите неправилности.