Потресна фотографија на удавени татко и ќерка ја покажа реалноста на мигрантската криза помеѓу САД и Мексико

Фотографија на која се гледа безживотно тело на татко заедно со неговата ќерка кои се удавиле во обид да ја преминат реката Рио Гранде во Тексас ја прикажува мрачната реалност на мигрантската криза која се одвива на јужната граница на Америка.

На фотографијата, која стана вирална на интернетот, се гледа телото на 26 годишниот Оскар Алберто Мартинез Рамирез и неговата ќерка Валерија, со нивните лица во вода.

Мексиканските весници ја споредија оваа фотографија со фотографијата објавена во 2015 година, на 3 годишното дете од Сирија, Алан Курди, кое се удави на грчкиот остров Кос, иако останува да се види дали ќе го има истото влијание на жестоката дебата за емиграцијата во Америка.

Нивните тела биле откриени на брегот на реката во близина на Матаморос, Мексико, спроти Браунсвил, Тексас.

Според Џулија Ле Дук, новинарка од весникот „Ла Џорнада“, Мартинез Рамирез пристигнал во Матаморос во неделата, надевајќи се дека ќе поднесе барање за азил од американските власти заедно со неговата сопруга Ванеса Авалос и неговата ќерка.

Но, кога сфатил дека почетокот на процесот може да трае со недели, Мартинез одлучил да ја препливат границата.

„Прво ја премина границата со малечкото девојче и го остави на американската страна. Потоа се врати по неговата сопруга, но девојчето се врати во водата, тргајќи по него. Кога отиде да ја спаси, струјата ги однесе обајцата“ изјави Ле Дик за „Гардијан“.

Фотографијата ги нагласува опасностите со кои се соочуваат претежно мигрантите од Централна Америка во нивните обиди да избегаат од насилството, корупцијата и сиромаштијата во нивните земји, барајќи азил во САД.