„Потпис на одобрение=на потпис на оставка“ – герила акција пред Општина Центар

Транспарент со порака „Потпис на одобрение=на потпис на оставка“ утринава осамна на оградата на Општина Центар. Oваа герила акција следува откако во јавноста се акутелизираа спорни моменти околу изградбата на висококатници спроти „Холидеј Ин“, а градоначалникот Саша Богдановиќ деновиве треба да одговори позитивно или негативно на доставеното барање за одобрение на градба од „МГ Фешн“.

Инвеститорот е заинтересиран да гради на постојниот паркинг на парцелата 1.1., каде би никнале три висококатници по 16, 20 и 22 катови.

Додека локални жители од Ново Маало денеска се јавија со околу 350 потписи со поддршка „ЗА“ станбено-деловниот комплекс, истовремено се шири јавна поддршка преку јавниот повик до премиерот Зоран Заев и надлежните институции за суспензија на ДУП-от Ц 08 од 2012 година.

Голем број архитекти, професори, инженери, невладини организации, уметници, новинари и граѓани од различни професии досега се приклучија кон барањето против ново урбанистичко дивеење во Скопје, велејќи дека актуелниот ДУП за локацијата е во спротивност со параметрите зададени во Генералниот урбанистички план, а јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина мора да е врвно начело.

Патот за изградба на висококатниците се отвори откако мораториумот на плановите во Центар „падна“ на Уставен суд, а неодамна инвеститорите го претставија проектот и уплатија дел од комуналиите за градба.

Фото: СамоПрашај