Во новото издание на читателскиот клуб, во вторник od 19 часот во ЛГБТ Центарот за поддршка ќе гостува професорката Елизабета Шелева од Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ.
„Со неа ќе зборуваме пошироко за концептот на границата преку антологискиот текст на Глорија Анзалдуа (Gloria Anzaldúa), Земји на границата/La Frontera: новата местица (Borderlands/La Frontera: The New Mestiza), двојазично дело кое е делумно теорија, делумно историја, делумно поезија и уметност, делумно феминистички одглас“, најавуваат од ЛГБТ Центарот за поддршка.
Меѓу другото, ќе се зборува за теми како домот, идентитетските категории (родот, сексуалноста, националноста/етницитетот, расата), поимот интерсекционалност, како и културната апропријација.
„Сите овие се теми кои се присутни кај Глорија Анзалдуа, која самата се идентификува како квир, небела жена во култура која е опресирана од доминантниот бел, монолитен национален наратив, но култура која и самата е традиционална и конзервативна; што значи, таа отелотворува идентитети кои во старт означуваат прекршување на неколку вида трауми и премолчувања, бивајќи истовремено туѓинец и во својата и во културата на колонизаторот. Но, она што е можеби најважно да се спомне (и кое подетално ќе го дознаеме преку разговорот) е обидот на Анзалдуа да го трансформира поимањето на границата како рана, како точка на поделба и разделба во стојалиште од кое ќе се појде понатаму, каде што la Raza (народот), како што вели самата таа, ќе се издигне, јазикот недопрен, носејќи го со себе најдоброто од сите култури“, стои во најавата за настанот.