По Фукушима: Преживеаните на трагедијата на Јапонија, пет години подоцна

На годишнината од катастрофата во 2011 година во која животот го изгубија 19000 лица и стотици илјади беа раселени, животот и надежта повторно се враќаат во Фукушима, пишува Џастин МекКари за Guardian.

На годишнината од катастрофата во 2011 година, во која животот го изгубија 19000 лица и стотици илјади беа раселени, животот и надежта повторно се враќаат во Фукушима, пишува Џастин МекКари за Guardian.

На 11 март 2011 година силен земјотрес и цунами го погодија североисточниот брег на Јапонија, предизвикувајќи голем дефект во нуклеарната станица Фукушима Даичи.

Речиси 19000 луѓе починаа од цунамито, додека 160000 луѓе побегнаа од радијацијата во Фукушима. После пет години, повеќе од 174000 преживеани остануваат раселени, меѓу кои се и 100000 луѓе од Фукушима кои чекаат да се вратат во своите домови.

Но, за некои луѓе во градот, животот се враќа во нормала.

Градоначалникот: Кацунобу Сакураи

Минамисома

Не е големо изненадување што Кацунобу Сакураи ретко погледнува од прозорецот на неговата канцеларија деновиве.

Пред пет години низ истиот прозорец гледал како огромните бранови на цунамито кршеле редици борови, пред да ги уништат фармите и домовите во Минамисома.

Сакураи бил градоначалник само неколку месеци кога катастрофата уби речиси 500 негови сограѓани. Смртниот биланс бил само почетокот на агонијата на Минамисома. Кога нуклеарната станица Фукушима Даичи, на 25 километри јужно од градскиот центар, претпрела дефект, од вкупно 71000 жители на Минамисома, само 9000 останале во градот.

Иако градот се испразнил, Сакураи останал таму. На 24 март 2011 година на YouTube објави апел за помош, преведен на англиски, кој се прошири низ цел свет.

Пет години подоцна, населението во градот се врати на 57000 жители. Сепак, заедницата е далеку од нормална. Многу мајки и нивните деца останаа во други градови, а градинките во градот се полупразни, иако, како што вели Сакураи, нивоата на радијација таму се пониски отколку во Рим.

Минатата година Сакураи бил повторно избран за градоначалник со големо водство пред другите кандидати.

„Јас останав кога сите други си заминаа“, вели градоначалникот, кој смета дека неговите претци-самураи му ја дале решителноста да продолжи. „Мислам дека луѓето го ценат тоа“.

Производителот на саке: Јасуаки Коно

Офунато

Една од највпечатливите слики од исходот на јапонската катастрофабеше фотографијата од искривен и за’рѓан знак кој покажува кон остатоците на Суисен Шузо фабриката за саке во Рикузентаката.

Но за Суисен, еден од најдобрите производители на саке во Јапонија, трагедијата предизвикана од цунамито само што започнала – девет од 57-те вработени во фабриката починале.

„Кога татко ми им кажа на преживеаните вработени после неколку дена дека ќе продолжиме да произведуваме саке, знаевме дека тоа не е само храбар говор“, вели Јасуаки Коно, синот на претседателот на Суисен, Јасухико Коно.

Коно си го одржал зборот и во наредните месеци фирмата почнала да произведува саке во фабриката на ривалот, Ивате Меијо. Ова е еден од безбројните примери на компании кои им помогнале на конкурентските фирми после катастрофата.

Сега, со финансиска помош од владата и донации од муштерии кои сакале да ѝ помогнат на фабриката, Суисен повторно прави врвно саке во новата фабрика близу до пристаништето Офунато. Во 2014 година настапиле на американскиот пазар со новиот производ, Кибо, што на јапонски значи „надеж“.

„Ние сме компанија која потекнува од Рикузентаката, но водата таму веќе не е доволно добра за производство на саке“, вели Јуки Мураками, менаџер во Суисен, фабрика формирана пред 70 години како спојување на осум помали производители на саке. Во фирмата сега се вработени помалку луѓе, а производството е за 40 посто помало отколку пред катастрофата.

Коно, кој врши надзор на производството на околу 20 етикетирани производи на Суисен, вели дека компанијата им должела на купувачите повторно да почне со работа.

„Ако се откажевме, тоа ќе беше само уште една лоша вест за градот и купувачите, од кои многумина ги изгубија своите домови. Ако воопшто не се обидевме, мислам дека немаше да се појавиме во Рикузентаката повторно“, вели тој.

Заклучува дека сакето на Суисен има промени во вкусот поради новата локација.

„Но, ништо не може да биде лошо како состојбата во која се најдовме пред пет години. Штом го надминавме тоа, можеме да поминеме преку сѐ“.

Лидерот на заедницата: Казуо Сато

Рикузентаката

Иако звучи чудно, Казуо Сато се смета себеси за среќен човек.

Го изгубил својот дом во цунамито кое уби 1700 луѓе во неговиот роден град Рикузентаката, но тој, неговата сопруга, нивните три деца и неговите родители прежиеале. Како поранешен рибар, бил премногу истрауматизиран да се врати на море.

Денес сите живеат во привремен комплекс за домување на имотот на локално средно училиште, кој служел како засолниште за евакуација во 2011.

Други парови кои имаат деца зеле пари на заем и се преселиле. Семејството Сато и уште околу 100 жители чија просечна возраст е над 60 останале. Некои од нив имаат повеќе од 90 години.

Кичиро, 78-годишниот татко на Сато, поправа рибарски мрежи во подготовките за неговиот прв риболов после цунамито. Пред катастрофата, таткото и синот ловеле риби заедно. Но, помладиот Сато нема да му се придружи на татка си оваа пролет.

„Бев рибар пред катастрофата. Се обидов да продолжам после цунамито, но имам сеќавања кои ми влијаат психолошки. Гледав како доаѓа цунамито од ридот, па можев да ги видам луѓето кои се обидуваа да побегнат и слушав како врескаа за помош. Но, не можев да направам ништо“, се сеќава Сато.

Сато сега е лидер на заедницата. Работното време го користи за да ја управува асоцијацијата на жителите и да волонтира како пожарникар. Помага и во проектот Sakura Line, чија цел е да се насадат цреши во безбедните области.

Неговата канцеларија е првото место каде жителите се обраќаат за жалби, од кровови кои пропуштаат вода, до недостаток од приватност. По потреба ја игра улогата на дипломат.

„Овде нема приватност, што е уште еден од проблемите на луѓето“, вели Сато.

Како што продолжува егзодусот на малдите луѓе, најголемата грижа на Сато е добробитието на постарите соседи кои живеат сами. Во последно време во регионот пораснал бројот на луѓе кои умираат во осаменост.

„Ги замолуваме луѓето да ги оставаат вратите отклучени, за да можеме да влеземе брзо ако мислиме дека нешто не е во ред“, раскажува.

Иако живее во лоши услови, вели дека е подготвен да чека додека не собере доволно пари да изгради нов дом за семејството.

„Живееме на крајот од редицата бараки, но нашите соседи неодамна се иселија, па имаме повеќе приватност. Во споредба со тоа со што се соочуваат другите, ние имаме среќа“.

Докторот: Масааки Шимануки

Рикузентаката

Професионалната листа на желби на Масааки Шимануки звучи како и на секој друг доктор – нова опрема, поголеми простории, повеќе персонал. Но, попладнето на 11 март 2011 година, проблемите на 73-годишниот доктор имале поинаква големина.

Шимануки, доктор на интерна медицина во болницата Таката, во крајбрежниот град Рикузентаката, бил во неговата соба за прегледи кога почувствувал дека земјата се тресе.

Најголемиот земјотрес во историјата на Јапонија само што го погодил североисточниот брег, создавајќи огромно цунами кое стигнало во Рикузентаката 30 минути подоцна.

„Наш приоритет беше да им помогнеме на пациентите да бидат надвор од опасност“, вели Шимануки за време на паузата, во единствената голема болница во градот, монтажен објект изграден на повисоко место после несреќата.

„Ние ги преместивме на четвртиот кат, но дури ни тоа не беше доволно високо“.

Како што нивото на водата продолжувало да се зголемува, единственото место кое останало за да се засолнат жртвите бил покривот на болницата. До ноќта, 11 пациенти од вкупно 51, од кои повеќето биле стари лица, починале. Меѓу нив имало и четворица кои подлегнале на ниските температури на покривот. Деветмина од персоналот исто така починале.

Денес голем број на пациенти, кои сите задолжително носат маски против грип, формираа редица во ходникот пред ординацијата на Шимануки, само неколку минути откако се отвори болницата.

Во обичен ден, пет лекари на должност во болницата и 30 медицински сестри прегледуваат 170 лица, а околу една четвртина од нив сѐ уште живеат во привремени домови.

Медицинските и административните работници едвај имаат време да здивнат. Веднаш откако Шимануки ќе прегледа еден пациент, друг се придружува кон редицата. Но, во тој организиран хаос, Таката конечно почнува да наликува на болница како порано.

„Никогаш не помисливме да се откажеме, дури и во оние страшни денови по цунамито“, вели Шимануки. „Добивме многу надворешна помош, така што немавме друг избор освен да продолжиме понатаму. Но, ако постои нешто што би сакал да го имам сега, тоа би било повеќе доктори и медицински сестри“.

Одгледувачот на школки: Јун Сасаки

Коишихама

Пред пет години, Јун Сасаки можеше да се прости од мислите дека ќе се врати на море за да заработува за живот. Откако го закотвил бродот на пристаништето, моменти пред цунамито да удри во малото рибарско село Коишихама, рибарот и неговото семејство беспомошно гледале како брановите ги уништуваат неговите школки.

За само неколку минути, тој загубил илјада тони школки, во вредност од 440000 долари.

„Кога видов како цунамито се повлекува во морето, знаев дека ги понесе сите мои школки со себе“, вели 45-годишникот, кој е роден и израснат во оваа област.

Како и многу други луѓе кои ги загубиле своите бизниси во март 2011 година, Сасаки немал друг избор, освен да се врати на филантропскиот дух кој ќе му помогне нему и на другите рибарски заедници во најтемните часови.

Со денови, 400 волонтери-нуркачи работеле во смени за да го расчистат морското дно од остатоците, за Коишиханама да може брзо да ја обнови својата аквакултура. Неорофитната фондацијата Кизуна, основана по несреќата, понудила финансиска помош.

„Тоа беше како нежно туркање по грбот, кој нè носеше заедно“, вели Сасаки, кој до 2014 година одгледувал онолку школки, колку и пред катастрофата. Сега, вели тој, водата во заливот е почиста отколку што била пред 11 март.

Селото, опкружено со карпи, се обидува да привлече што повеќе туристи, со неговите познати остриги, школки и морски плодови.

„Рибарите и целиот регион стареат, потребно ни е да најдеме начини како да ја одржуваме локалната економија“, вели Сасаки, кој е шеф на дванаесетчлената Унија на одгледувачи на школки.

„Сакаме ова да биде место што ќе ги привлекува луѓето кои сакаат одлична морска храна“.

Инспириран од волонтерскиот труд по катастрофата, тој положил за возачка дозвола за да може да ги отстрани малкуте остатоци кои останале и повеќе да внимава на својот живот.

„Сакам да влегувам во вода, дури и по она што се случи во 2011 година“, вели тој.

„Можам сам да ги видам школките… не треба да се нагласи дека се најдобри во светот“.