Порталите „традиционално“ највеќе го прекршуваат Кодексот на новинарите

Станува збор за истите проблеми кои „традиционално“ се повторуваат, а тоа се едностраното, а неретко и сензационалистичко информирање, непочитување на приватноста, плагијаторството, итн. Граѓаните честопати реагираат на бројните шпекулации и „теории на заговор“ што се шират во овие (онлајн) медиуми, на пренесувањето различни информации без да се провери нивното потекло, на преземањето содржини од социјалните мрежи за коишто освен што не е јасно потеклото и креаторот, не е јасна и нивната крајна цел, вели Марина Тунева, извршната директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), кој ја објави статистиката за прекршување на новинарските стандарди за 2021 година. 

Најмногу се прекршува членот 1 од Кодексот на новинарите. Односно, „објавување неточни и непроверени информации, немање ‘втора страна’ и отсуство на два неповрзани извори“.

Дури над 91% од жалбите што стигнале до саморегулациското тело се однесуваат на интернет порталите. Дека тие репризно се најнеодговорни изминативе пет години покажуваат и податоците: во 2020 за нив се однесувале 90,7% од претставките, во 2019 – 83,1%, 2018 – 76,5%, а во 2017 – 79% од пристигнатите жалби, додека останатите се за содржини од телевизиите, весниците, неделниците и новинските агенции.

Извор: СЕММ

Сепак, иако помалку процентуално застапени, Тунева вели дека им пријавуваат и случаи со недозволиви грешки кога станува збор за професионалност или етичност на традиционалните медиуми.

„Имаме ситуации коишто потврдиле дека се ‘подзаборавиле’ дури и основните лекции по новинарство“, забележува таа.

Ланската година јавноста ја потресоа несреќи и трагедии – автобусот во Бугарија, пожарите низ Македонија, имаше и самоубиства, сообраќајки… Истовремено, новинарските здруженија бараа од медиумите да не додаваат масло во огнот, да внимаваат како известуваат за овие случаи.

Марина Тунева, фото: СЕММ

„Некои проблеми континуирано се провлекуваат низ новинарскaта пракса. Меѓу нив е и сензационалноста во информирањето и нарушувањето на приватноста, непочитувањето на личната болка, како и непочитување и на самата публика со информирање што ги вознемирува граѓаните. Информирајќи за одредени аспекти од трагичните случувања, некои медиуми како да ја губат и хуманоста, а не само етичноста и професионалноста во работата“, посочува Тунева.

Советот укажувал на потребата во такви околности да се прави разлика меѓу тврдењата и фактите и да се покаже поголема внимателност кон публиката. Освен тоа, од медиумите барале голема внимателност во однос на објавувањето имиња и фотографии на жртвите, или, пак, податоци од кои индиректно би можел да се открие идентитетот на жртвите, пред тоа официјално да го соопштат надлежните институции.

„Укажувавме за случаите на самоубиства да се информира само доколку станува збор за поширок јавен интерес или, пак, кога станува збор за јавни личности, со цел објективно да се информира јавноста и да се избегнат можните шпекулации. Но, и во тие случаи сме барале од новинарите да известуваат урамнотежено, со сигурни докази потврдени од релевантни извори и секогаш почитувајќи ги личната болка и жалост на најблиските“, нагласува Тунева.

СЕММ овозможува жалби како дел од процесот за саморегулација. Исто така, изработен е и Регистар на професионални онлајн медиуми, со услови за транспаретно сопствеништво, за објавен импресум, почитување на Кодексот на новинарите…

Според Тунева, саморегулацијата во медиумите не е процес што успева преку ноќ. Тоа, вели таа, е покажано и докажано и во многу други држави каде функционираат ваков тип на тела.

Показател за почитувањето или постепеното прифаќање на саморегулацијата за СЕММ е кога медиумите се вклучуваат во процесот на медијација, одговараат на добиените жалби, покажуваат добра волја да ја коригираат својата пракса, се разбира доколку станува збор за грешки.

Извор: СЕММ

„Секако, и кога самите покажуваат активен интерес да се вклучат во саморегулативното тело. Освен што самите се обидуваме да ја афирмираме идејата за приклучување кон Регистарот на професионални онлајн медиуми, бараме партнерство и соработка и од бизнис секторот, образовните институции, граѓанскиот сектор. Мислам дека имаме заеднички интерес, а тоа е да покажеме дека постои и треба да се прави разлика меѓу професионалното информирање од една страна и манипулативното и пропагандно информирање од друга страна. Јавноста го заслужува тоа“, вели таа.

Паралелно со саморегулацијата, новинарските организации често бараат решија за останатиte проблеми во медиумите, кои влијаат на професионално известување. Независно дали се работи за малите новинарски млади, малите редакции, уредувачките политики, генералната недоверба во новинарството…

„Најверојатно (влијае) сето ова заедно, во поголема или помала мера, што низ годините било потврдувано и со различни истражувања. Но, кај оние медиуми, колку и да се на број, на коишто кредибилитетот им е важен, а перцепцијата на публиката од примарно значење, нема пардон за грешките“, посочува Тунева.

Иако често се зборува за (не)одговорност на медиумите, изминативе години во јавноста се начнуваат и прашања колку и самите граѓани, корисниците на социјалните медиуми, имаат удел во ширењето манипулации, дискриминации и говор на омраза. Оттука се и прашањата колку се потребни етички механизми, а паралелно да помага и медиумската писменост.

„Апсолутно се согласувам дека е потребно вложување и ангажман околу надминување на последиците од некоректното користење или, поточно, злоупотреба на социјалните мрежи за разни цели. Неодамна СЕММ спроведе истражување околу практиките на користење на социјалните мрежи од страна на медиумите и на предизвиците на коишто наидуваат. Истражувањето покажа дека социјалните мрежи се комлексен простор за управување од страна на медиумите, коишто таму се соочуваат со бројни предизвици. На пример, нивните информации се објавуваат на платформи на коишто дејствуваат и други креатори на содржини коишто неретко шират лажни наративи, дезинформации, говор на омраза, итн. На самите платформи отсуствувала навремена реакција, особено кога станува збор за проблематични појави, како што е говорот на омраза и дезинформациите“, посочува Тунева.

Во таа смисла, вели таа, како позитивна е оценета иницијативата за формирање на Регистарот на професионални онлајн медиуми и се препорачува нејзина афирмација, како и соработка на социјалните мрежи со саморегулативните тела.

„И, секако, тука гледам голем простор за медиумска писменост и помош во препознавање на штетните појави на овие мрежи и ефикасното и ефективно справување со нив“, констатира извршната директорка на Советот за етика во медиумите.

Бојан Шашевски