Пораснат бројот на случаи на дискриминација

Во 2018 година има регистрирано вкупно 119 случаи на дискриминација, што претставува околу 30% зголемување од 2017, кога биле 82. Здруженијата на граѓани и институциите, исто така, повеќе реагирале годинава за дискриминација (95) за разлика од лани, кога биле евидентирани 68 случаи. Оттука, потребно е да се зајакне прецентивната улога на Комисијата за заштита од дискриминијација, во склоп со новите законски измени. Да се работи на подигнување на јавната свест, а институциите да нудат ефикасна заштита. Ако Комисијата постапува со каснење од година дена, нема доверба кај граѓаните дека ќе бидат заштитени.

Ваквите податоци и препораки денеска беа презентирани од Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој го презентираше Годишниот информатор за дискриминација за 2018.

Игор Јадровски од Комитетот нагласи дека репризно се повторуваат истите основи за кои се пријавувало дискриминација – личен и општествен статус, пол и род, сексуална ориентација, попреченост, етничка припадност и религија.

„Во однос на областите, има значително зголемување кај ‘работни области’, каде граѓаните највеќе пријавувале дискриминација. Во 2018 имаме 45 случаи, што е значително повеќе од 2017, кога биле пријавени само 19 случаи. Значително е зголемен бројот на пријавена дискриминација во пристапот до јавни добра и услуги. Ако во 2017 бил само еден случај, во 2018 имало 21. Огромно зголемување“, нагласи Јадровски.

Понатаму, пораснато е пријавување на дискриминација за здравствени услуги, а намалено е за образование, седум случаи во однос на 23-те во 2017. Во однос, пак, на судските и квази-судските тела, има значителен пад на постапките, оние што се евидентирани од Здруженијата на граѓани. Во 2018 се репортирани вкупно 7 судски постапки, од кои во две се позитивни одлуки, исто толку негативни, а три се водат како тековни.

Јадровски потенцираше дека Здруженијата на граѓани продолжуваат како најактивни во превенција и заштита од дискриминација.

Во однос на препораките за подобрување на состојбата, голем број во годинешниот Извештај се повторуваат, што значи институциите не ги земале предвид и не ги имплементирале претходните.

„Една нова препорака е дека мора да имаме поактивно вклучување на јавните функционери за подигнување на феноменот на дискриминација. И тука не мислам на институциите кои постапуваат за темата, туку генерално сите функционери“, рече Јадровски.

Индикативно е и тоа што Комисијата продолжува со трендот на непостапување во законски предвиден рок, што е случај во голем број на постапките.

„Што ја доведува во прашање нејзината улога како ефикасен механизам за заштита од дискриминација. Исто така, препорачуваме и почесто вклучување на Народниот правобранител и Комисијата во судските случаи за дискриминација, како пријател на судот. Тоа е овозможено со новиот Закон“, потенцираше Јадровски.

Тој го спомена и подобрувањето на техничкото работење на Комисијата. Индикативно е што во 2018, вели Јадровски, во поглемиот дел од годината, немала активна веб-страна, а е специјализирано тело за дискриминација.

„Во последниве неколку месеци имаат, меѓутоа нема никакви податоци, со што се доведува во прашање транспарентноста на Комисијата“, забележа Јадровски.

Позитивно е што има законски олеснувања и во поглед на судските постапки. Граѓаните ќе можат да поднесат тужба без такси за тужба, пресуда и останати административни трошоци.

„Со тоа, може повеќе ќе се мотивираат граѓаните да пријават дискриминација и побараат судска заштита. Исто така, судските постапки траат релативно долго, мислам дека ги обесхрабруваат граѓаните. Со овие бариери, се решаваат за Комисијата и Народниот правобранител“, нагласи Јадровски.

Инаку, годишниот  извештај на Хелсиншки е во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје во склоп на проектот „Унапредување на човековите права“. Се работи за сублимат на месечни извештаи на Комитетот, но и збирни податоци на останати здруженија што работат на тема дискриминација, како и извештаи на Комисијата и Правобранителот.

 

Бојан Шашевски