Поранешни студенти од Правен собраа над 30 000 евра за реновирање на факултетот

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се одржа првата донаторска забава на алумни заедницата и заедницата на пријатели на Факултетот каде се собраа повеќе од 2 милиони денари (над 30000 евра) за реновирање на дел од факултетот.  Донаторската забава беше наменета за собирање средства за унапредување на факултетските просториите наменети за студентите како читалната, амфитеатрите, предавалните и слично.

Повеќе од стотина поранешни студенти на Факултетот и на Универзитетот се собраа на забавата за да се навратат на студентите денови и да ги поддржат активностите на Факултетот за унапредување на условите за студирање. Забавата се организира по примерот на воспоставените практики на светските универзитети каде алумни заедницата е голем и силен поддржувач на активностите на младите генерации.

Факултетот изрази голема благодарност на сите донатори за одзивот и несебичното враќање кон заедницата и најави дека ова е само еден од низата настани што ќе ги организираат за зајакнување на врските со алумни заедницата.