Полски активисти приведени бидејќи уништиле дел од граничната бариера со Белорусија

13 полски активисти биле уапсени минатата недела бидејќи се обиделе да го уништат делот од границата кон Белорусија кој е обвиткан со бодликава жица. Бодликавата жица е поставена со цел да се спречи влегување на мигранти, пренесува „Euronews“.

Активистите истакнале дека потегот е протест против полските власти, а сметаат дека поставувањето на бодликавата жица е нехуман третман кон мигрантите кои се обидуваат да преминат на територија на ЕУ.

Министерот за внатрешни работи Мариуж Камински, кој е одговорен за полицијата и безбедноста, изјавил дека потегот на активистите е апсолутно неприфатлив и дека „оние кои се притворени ќе се здобијат правни последици поради нивните постапки“.

Од 13 приведени лица, 12 се полски државјани, додека едно лице е од Холандија, известуваат локалните медиуми.

Полска, исто како Литванија, забележува раст на мигранти кои доаѓаат преку границата со Белорусија. Полските власти го обвинуваат рускиот претседател Александар Лукашенко дека праќа мигранти од Ирак и Авганистан како дел од „хибридна војна“ која цели кон дестабилизација на 27 земји членки на ЕУ. Границите на Полска и Литванија со Белорусија се дел од источната граница на ЕУ.

Како одговор на мигрантскиот бран, Полска започна да гради ограда од бодликава жица на границите.

Локалниот фокус се задржа на 32 лица, кои се опишани како Авганистанци, а се заглавени во меѓуграничниот простор на Полска и Белорусија. Полските власти велат дека лицата се наоѓаат на белоруска територија и не дозволуваат тие да преминат во Полска и да побараат азил. Според Полска, тие се одговорност на Белорусија.

„Не се сложуваме со понижување, нехуман третман и одбивање да се пружи медицинска помош на мигрантите и не се согласуваме со употреба на илегални постапки“, изјавиле активистите кои пробале да ја пробијат бариерата од бодликава жица.