Половина од музејските експонати во светот се погрешно обележани

Музеите можеби се чинат како непогрешливи извори на знаење и учење, но новата студија на универзитетот Оксфорд сугерира дека не е паметно да се верува на се што пишува покрај музејските експонати.

До една половина од примероците во светските природонаучни музеи веројатно се погрешно обележани, според експертите од Оксфорд и од Кралската ботаничка градина во Единбург.

Конфузијата настанува поради тоа што дури и искусните и докажани научници имаат проблем да ги разликуваат сличните растенија и инсекти. Музеите добиваат по стотици и илјадници примероци одеднаш, па внимателното бележење одзема премногу време и научниците мораат да нагаѓаат. Повеќе од 50% од видовите жив свет се откриени од 1969 година наваму.

„Ова им штети на многу области на биолошките науки, вклучувајќи го академското проучување на еволуцијата и применетата конзервација. Без точно именување на примероците, податоците кои ги имаме во колекциите насекаде низ светот немаат смисла, бидејќи не одговараат со реалноста надвор“, вели д-р Robert Scotland од одделот за ботаника на Оксфорд.

Половина од музејските експонати во светот се погрешно обележани

Научниците, кои користеле податоци од Глобалната база на информации за биодиверзитетот, се загрижени дека многу од неточните информации веќе се дел од огромните компјутерски бази на податоци, со што погрешната идентификација на многу видови се шири низ светот.

До денеска се откриени и идентификувани околу 1.8 милиони видови жив свет, од кои 950.000 се инсекти, а 350.000 се растенија.