Полицијата употреби солзавец кон демонстрантите на осмомартовскиот марш во Истанбул

Полицијата во Истанбул обидувајќи се да ја блокира познатата улица Истиклал употреби солзавец на демонстрантите кои вчера марширајќи го одбележуваа Меѓународниот ден на жената, објави „Дојче веле“.

„Сите патишта кои водат кон плоштадот Таксим и улицата Истиклал ќе бидат затворени бидејќи овие места не се класифицирани како места за собирање и демонстрации според законот“, се вели во соопштението на гувернерот.

Ова е втора година по ред како Истанбулската полиција употребува солзавец на демонстрантите кои го одбележуваат Меѓународниот ден на жената, а веќе подолго време претседателот Реџеп Таип Ердоган се соочува со критики дека не го сфаќа проблемот со насилството врз жените доволно сериозно.

Во Киргистан, пак, каде исто така бил организиран марш, истиот насилно бил разбиен, а десетици жени биле уапсени откако биле нападнати од маскирани мажи кои ги искинале нивните транспаренти.

Големи маршеви се одржаа во Берлин и Келн во Германија, и покрај стравувањата од ширење на коронавирусот. Една од главните теми на маршевите беше солидарноста со трансродовите жени кои честопати се изоставени од „разговорот за родова еднаквост“.