Полицијата го пронајде тинејџерот што потпалуваше шума во скопско

17-годишен малолетник од скопското село Мојанци е лицето кое на „Тик ток“ објави видео како предизвикува пожар, а местото каде што го извршува кривичното дело се падините на блиската шума над селото.  Од скопската единицата за насилен криминал соопштија дека ќе поднесат писмено известување за малолетникот до Основното јавно обвинителство Скопје, а поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“.

По утврдување на идентитетот, на пред две дена малолетникот заедно со неговиот татко бил повикан на разговор во просториите на Единицата за насилен криминал. Таму, во присуство на инспектор по малолетничка деликвенција, го признал делото и потврдил дека тој палел нискостеблеста трева и шума над Мојанци.

Јавноста дозна за случајот кога на 4 август, на социјалната мрежа „Тик-Ток“ малолетникот објави видео и фотографии како потпалува нискостеблеста шума и трева.

„Фотографиите и видеата биле споделени на повеќе социјални мрежи, по што Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презеде мерки и активности и на 05.08.2020 до СВР Скопје-Единицата за насилен криминал доставена е документација со повеќе снимени видео клипови на кои се гледа дел од фигура на лице како врши потпалување на повеќе дрва и грмушки на јавна површина – планина, како и фотографии од лице со профил на социјална мрежа „Тик-Ток“, под псевдоним Д.К.“, соопштија од СВР Скопје.