Покрената петиција за истрага за Илиевски, Дамовски и Дурловски

Петиција во која се бара отворање истрага против Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Игор Дурловски, како организатори на протестите „За заедничка Македонија“, покрена „Иницијатива Критична Маса“ на интернет сајтот за петиции change.org.

Петицијата која е предвидено да се достави до Јавното обвинителство и Народниот правобранител, досега ја поддржале повеќе од 500 граѓани.

Во петицијата се наведува дека напаѓачите биле дел од протестите на движењето „За заедничка Македонија“, на кои се ширело говор на омраза и се повикувало на насилство.

Петицијата се повикува и на обвинувањата на нападнатите пратеници во Собранието на 27-ми април дека се работело за „обид за убиство“, како и на квалификацијата од меѓународните институции дека станувало збор за „организиран напад врз Собранието“.

„Скоро две недели по крвавиот четврток, лицата кои се јавуваат како водачи за времетраењето на протестите на движењето „За заедничка Македонија“, се уште не се приведени или сослушани од јавното обвинителство за нивната улога во организираниот напад врз Собранието. Дури и продолжуваат со предводење на истите протести. Затоа, ги повикуваме надлежните, пред се Основното јавно обвинителство, да отворат истрага против горенаведените лица, со цел да се утврди нивната улога во упадот во Собранието и во насилствата од таа вечер“, стои во текстот на петицијата.

Во упадот во Собранието на 27-ми април и насилството врз пратениците, според информациите на Министерството за внатрешни работи, повредени беа повеќе од 100 лица.