„Поинакви“ и „Поглед во очите“ – два документарни филма од „Докуникулци“

Младите филмофили од проектот „Докуникулци“ снимаат два документарни филмови „Поинакви“ и „Поглед во очите“, соопшти фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Почнувајќи од 1 до 3 декември во Скопје и Велес се снимаше документарниот филм со работен наслов „Поинакви“ во режија на Розе Симоновска. Во снимањето на филмот се вклучени и Леа Димитрова како продуцент, Петар Крстевски и Бисера Атанасова работат со камерата, за звукот е одговорен Давид Стојановски, додека монтажата ќе биде на Петар Крстевски.

Во текот на оваа недела ќе се реализира снимањето и на документарниот филм „Поглед во очите“ во режија на Јоана Арсовска. Како продуценти работат Јоана Арсовска, Матеа Козовски и Севдалина Дамевска, зад камерата ќе бидат Матеа Козовски и Давид Стојановски, со звукот ќе оперираат Матеа Козовски и Стефан Божиновски, додека на монтажата на филмот ќе работат Леа Димитрова и Бисера Атанасова.

Филмовите опфаќаат несекојдневни живони приказни и ситуации за неколку индивидуи видени со очите на млади луѓе, кои горат од желба да снимаат документарни филмови. Снимањето на филмовите се одвива со менторство и поддршка од сениорската екипа на „МакеДокс“. Следната фаза на „Докуникулци“ ќе ја опфати монтажата и постпродукцијата на снимениот материјал, а премиерата на документарните филмови ќе се одржи на следното фестивалско издание на „МакеДокс“ во 2018 година.