„Поинаку“ бара субвенционирана струја за Битола поради последиците од РЕК „Битола“

Битола како најголема жртва во Македонија од производството на електрична енергија не смее и нема да има поскапа цена за електрична енергија. Напротив Битола мора да има субвенционирана струја поради последиците кои ги трпи од РЕК – Битола, соопштија од иницијативата „Поинаку“, која има два свои советници во општинскиот Совет.

Тие сметаат дека поради превенција од корона вирусот, не е време да повикуваат на протести и масовни собирања, па затоа уште еднаш ќе побараат по институционален пат.

„1.Советот да донесе заклучок со кој бара од Владата на Република Македонија на првата следна седница да донесе одлука за субвенционирана струја за граѓаните на Општина Битола. 2.Советот да донесе заклучок со кој бара Владата на Република Македонија да донесе одлука со која се замрзнува цената на електричната енергија и останува иста како на ден 30.07.2020г. заради настанатата состојба со пандемијата со Ковид 19 и економската криза во која се наоѓаат граѓаните“, се вели во соопштението на Габриела Илиевска и Иван Чулаковски од „Поинаку“.