„Поетска ноќ во Велестово“ од 16 до 18 август, во фокус е поезијата на Иван Џепароски

31-то издание на „Поетска ноќ во Велестово“ ќе започне на 16-ти август во 21.00 часот пред чешмата во Велестово, со настап на вокалистката Евгенија Здравевска (Зарина Првасевда) и Александар Петров како специјална придружба на тапан.

Годинешното издание на манифестацијата е посветено на поезијата на Иван Џепароски, а за неговото поетско творештво ќе беседи проф. д-р Наташа Аврамоска. Стиховите ќе ги интерпретира актерот Владимир Јачев. Во 22.00 часот во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во Велестово ќе биде отворена изложбата на академскиот сликар Воскресија Андреевска.

На 17-ти август од 12.00 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи настанот „Поезија напладне“ посветен на творештвото на Поли Муканова од Бугарија, а модератор ќе биде Зоран Јакимоски.

Истиот ден од 19.30 часот во Кафе бар „Шила“ во Охрид ќе биде одржана и промоцијата на стихозбирката „Жалба до Музата“ од Џери Марфи (Република Ирска), избор и препев на Јулијана Величковска, а во издание на ПНВ Публикации од Скопје. Промотор ќе биде проф. д-р Димитар Пандев, а стиховите на македонски ќе ги чита актерот Јован Цветкоски.

На 18-ти август од 20.30 часот во Куќата на Уранија, МАНУ – Охрид во соработка со Фондација „Славко Јаневски“ ќе биде претставен добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2018 г. Николина Андова Шопова и романот „Некој бил тука“.

Годинава манифестацијата е поддржана од Министерството за Култура, Општина Охрид и Комерцијална Банка.