Подемот на пиратските радио-станици на Јутјуб

Лук Причард и Џони Лаксон имале 13 години кога се запознале во интернат во Кроуторн, Англија, во 2011 година. Нив ги здружила заедничката љубов кон „андерграунд“ музиката и во 2014 година започнале свој канал на „Јутјуб“, „Колеџ мјузик“, за да ги промовираат уметниците што им се допаѓаат.

На почетокот, каналот растел многу бавно. Потоа, во пролетта 2016 година, Причард  ja открил опцијата 24/7 пренос во живо, функција која им овозможува на корисниците на „Јутјуб“ континуирано да емитуваат едно видео.

„Колеџ мјузик“ имал 794 претплатници во април 2015 година, една година пред Причард и Лаксон да го започнат преносот. Еден месец откако почнале, имале повеќе од 18.440 претплатници. Во април 2016 година, тие имале 98.110 претплатници, а од минатиот месец, со три активни преноси во живо, тие имаат трипати повеќе, односно 334.000 претплатници. Тие заработуваат околу 5000 долари месечно од преносите.

Момчињата размислувале за новата стратегија изминатите две години. Тоа помогна на одреден начин да се популаризира оваа алатка на „Јутјуб“. Стотици независни канали почнаа да пренесуваат музика без престан, со видеа кои комбинираат плејлисти со стотици песни и кратки, циклични анимации, често земени од аниме филмови без дозвола за авторски права.

Преносите во живо доаѓаат во многу различни жанрови. Два преноси од „Колеџ мјузик“ се дел од семејство на канали кои го емитуваат она што радиодифузерите го нарекуваат „лофи“, музика која би ја препознале обожавателите на Нуџабес и Џ. Дила.

Ваквите видеа, со број на претплатници од стотици илјади, се дел од најпопуларните музички станици кои постојано пренесуваат во живо. Многумина ги водат млади Европејци, кои можеби имаат само блиско познавање на историјата на музиката што ја шират.

И тие не знаат зошто, но нивните корисници навистина инсистираат на аниме сликите.

Лакстон вели дека обожавателите негодувале кога сликите на видеото биле променети, покажувајќи преписка со особено вознемирен корисник кој барал аниме клипот да биде вратен на една од трите станици.

Каналите заземаат несигурен простор помеѓу алгоритамот на „Јутјуб“ и неговата политика за авторски права, повлекувајќи споредби со нелиценцираните пиратски радио станици од 20 век, повторно создадени во дигиталната сфера. Многу од каналите се појавуваат и исчезнуваат во рок од една недела, но нивното присуство стана значаен дел од музичкиот екосистем на сајтот. И додека конкурентите како „Спотифај“ добиваат, „Јутјуб“ сè уште доминира во светот на преносот, според последниот Извештај за музички потрошувачи од Меѓународната федерација на фонографската индустрија.

Кога Причард и Лакстон почнале со преносите, тие го воделе каналот од студентската соба на Причард, која била веднаш над собата на воспитувачот.

„Секој втор ден ми кажуваше да го исклучам бидејќи можеше да го чуе басот”, рече Причард.

Причард, кој сега има 20 години, вели дека има толку многу нови конкуренти што е многу потешко да се добие инстантен успех каков што тој и Лаксон го откриле пред две години.

Преносите во живо како нивните успеваат делумно со искористување на однесувањето на корисниците. Според операторите на каналите, корисниците на Јутјуб честопати кликнуваат на видео по неколку минути, пред да заврши. Но, корисниците што слушаат преноси имаат тенденција да ги пуштат повторно за половина час или повеќе, честопати како музика во позадина. Тоа ги зголемува статистиките на задржување на видеото, што го принудува „Јутјуб“ да го промовира пошироко.

Портпаролката на „Јутјуб“, Вероника Наварете, рече дека иако опцијата „Јутјуб лајф“ е достапна од 2011, бројот на канали кои вршат пренос во живо, четири пати повеќе се зголемил до 2016 година.

Преносите во живо се затвораат постојано. Подготвеноста на платформата за спроведување на правата на интелектуална сопственост, дури и повремено, ги принудува станиците како Chillhop Music, College Music, ChilledCow и други да формираат свои односи со уметниците.

Ваквите канали најверојатно немаат големо влијание врз музичката индустрија. Сепак, тие претставуваат „андерграунд“ алтернатива на гигантите како „Спотифај“ и „Епл мјузик“.

Нико Перез, основач на „МиксКлауд“ ги поздрави каналите и рече дека тие се природен одговор на хомогеноста на традиционалните радио-станици. Но, тој е загрижен од вкупната моќ што „Јутјуб“ ја даде на екосистемот.

Овие денови, Причард го води „Колеџ мјузик“ од својот дом во Рединг, откако го напушти училиштето за целосно да се занимава со музика. Лаксон, пак, се запиша на универзитет во Лидс, каде наоѓа уметници за соработка.