Почина Вини Пол Ебот, тапанарот од култниот бенд „Пантера“

Вини Пол Ебот, еден од основачите на хеви метал бендот „Пантера“, починал вчера вечер на 54-годишна возраст.

Засега нема информации за причината за смртта на тапанарот на култниот бенд.

Вини Пол го основаше бендот заедно со неговиот брат, Дерел „Дајмбег“ Ебот, кој беше застрелан во 2004 година за време на концерт од посетител со менталнo нарушувањe.

Легендите на хеви метал сцената на САД како Дејв Мастејн, Пол Стенли и групата Антракс денеска се простија од Вини Пол.

„Уште еден од хероите на металот си отиде прерано“, напиша Мастејн од „Мегадет“, дополнувајќи со „Поздрави го Дерил од мене. Почивај во мир, драг пријателу“.

„Не можам да поверувам. Нека почива во мир нашиот брат Вини Пол“, твитна „Антракс“, додека Стенли од „Кис“, чиј бивш член Питер Крис беше еден од најголемите влијанија на Пол, напиша: „Многу е тажно да слушнам за смртта на Вини Пол. Уживав кога ‘Пантера’ правеше свирки со нас и подоцна Вини секогаш беше во центарот на концертите на „Кис“. Почивај во мир и сочувство до семејството“.