Почина професорот Томе Груевски

Професорот Томе Груевски, кој предаваше на повеќе генерации на студиите по новинарство, синоќа почина по кусо боледување во Скопје во 70-та од животот.

Томе Груевски е роден во Смилево, Битолско, (1949), новинар и универзитетски професор по комуникологија, новинарство и односи со јавноста, прв доктор по комуникологија во Република Македонија и основоположник на студиите по односи со јавноста во земјава.

Дипломирал на Филолошкиот факултет (1972); магистрирал на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (1989) и докторирал на Правниот факултет (1995) во Скопје. Уште од средношколските години се оддал на новинарство, во времето на студиите бил соработник, уредник и главен уредник на в. „Студентски збор“, а подоцна и директор на НИП „Студентски збор”.

Покрај тоа, бил и главен уредник на списанието за општествена теорија и критика „Дијалог“. Бил соработник на емисиите „Бранови на младоста“ и „Студентски паралели“ на Радио Скопје а потоа бил и соработник на Третата програма на Македонското радио. Професор на Студиите по новинарство, медиуми и комуникации и односи со јавноста на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и професор на постдипломските студии на Групата за комуникации при Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје.

Членуваше во професионални и невладини организации и асоцијации. Меѓу останатите, добитник е на наградите „Бранови на младоста“ на Радио Скопје, „Новинарско перо“, награда на ЗНМ, награда „4 Ноември“ на град Битола…