„Победи демократијата“ – Џо Бајден положи заклетва како 46. претседател на САД

Џо Бајден денеска положи заклетва како 46-ти американски претседател, по бурниот трансфер на власт со одбивањето на Доналд Трамп да прифати пораз и упадот во Американскиот Конгрес.

Денеска го славиме триумфот, не на кандидат, туку на каузата. Се слушна волјата на народот и се посвети внимание на волјата на народот. Повторно научивме дека демократијата е скапоцена. Демократијата е кревка. Во моментов, мои пријатели, победи демократијата. Америка беше на тест и излеговме посилни“, порача Бајден.

Настанот го обезбедуваат 25 000 војници, а летовите за Вашингтон беа прекинати сè додека новиот претседател не положи заклетва.

На церемонијата присуствуваaт лидерите на Конгресот од двете партии и поранешни претседатели вклучувајќи ги Барак Обама, Бил Клинтон и Џорџ В. Буш, но не и Трамп, кој одби да учествува и полета за Флорида утрово.

На 78-годишна возраст, Бајден е најстариот американски претседател. Во управувањето со земјата ќе му се придружи Камала Харис, поранешна сенаторка од Калифорнија, кој ќе служи како прва жена и прва црна потпретседателка, која има индиско-јамајканско потеклo.

Бајден се очекува на неговиот прв ден како претседател да потпише неколку извршни наредби за враќање на одредени политики, од климатските промени до имиграцијата. Бајден покажува дека САД имаат намера повторно да се приклучат на Парискиот договор за клима и да го запрат нивното повлекување од Светската здравствена организација.

Покрај тоа, Бајден најави дека ќе ја запре изградбата на граничниот ѕид со Мексико, кој беше поддржан од неговиот претходник. Тој исто така соопшти дека ќе ја повлечи забраната за патување за државјани од одредени муслимански земји воведена на почетокот на администрацијата на  Трамп.

Претседателот исто така најави дека ќе испрати предлог-закон за имиграциска реформа до Конгресот. Новиот претседател има за цел да ја поништи и дозволата за гасоводот Кистон што ги поврзува САД со Канада.

Во однос на расната правда, Бајден планира да ја укине „Комисијата од 1776 година“ на Трамп, која беше формирана од претседателот во заминување за да го „врати патриотското образование во училиштатa“ и беше критикуван дека сака да ја избрише историјата на расизмот во Америка.

Трамп, пак, пред да замине за Флорида одржа кусо обраќање заблагодарувајќи им се на членовите на неговиот кабинет.