По протестот пред Собрание: Осуди за насилство, напади врз новинари и несоодветна реакција на МВР

По потпишувањето на Договорот за името меѓу Македонија и Грција, пред Собранието се случи протест со повеќе регистрирани инциденти. Ден потоа, разни организации и институции излегоа со свои реакции, извештаи и апели. Ги сумираме досегашните соопштенија на едно место.

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија најостро ги осудува инцидентите за време на протестот, а исто така и говорот на омраза и повикувањето на насилство, кое го нотирале на социјалните медиуми, пред протестот.

„Правото на протест е уставно загарантирано право на секој граѓанин на Република Македонија, но тоа не оправдува повикување и употреба на насилство. Според нашите согледување, групи на граѓани кои беа дел од протестот извршија насилни дејствија насочени кон полициските службеници и граѓани. Затоа, ги повикуваме органите на прогонот да спроведат темелна и ефективна истрага за сторените казниви дела“, соопштуваат од таму.

Покрај ова, според согледувањето на Комитет, се забележува прекумерна употреба на хемиски средства од полицијата кон граѓаните кои протестираат, што исто така го најостро осудуваат.

„Согласно Законот за полиција, употребата на средства за присилба мора да биде соодветна и пропорционална, што во дадената ситуација се доведува во прашање, особено што помеѓу граѓаните кои протестираа беа присутни повозрасни лица и деца“, реагираат од Комитетот, потенцирајќи дека за настаните писмено ќе се обратат до МВР, а ќе поведат и дополнителна постапка за утврдување на почитувањето на правата на приведените лица.

Воедно, ги повикуваат граѓаните да го изразуваат правото на протест на ненасилен начин, без провокации и насилни инциденти, и да пријават случаи доколку нивните права се прекршени.

Од Агенцијата за аудио и адудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) ги осудија вчерашните напади врз медиумските работници, насилничко приведување, но и непрофесинално однесување на некои новинари.

„Медиумските работници мора да бидат ослободени од секаков вид на притисоци и да им се овозможи непречено да ја вршат својата работа, особено кога станува збор за прашања од посебен јавен интерес. Меѓутоа, истовремено, новинарите при известувањето мора да обезбедат професионална дистанца, непристрасно и избалансирано известување. Во овој контекст, Агенцијата апелира да не се применуваат облици на непримерна комуникација со јавноста, а уште помалку да се поттикнува насилство по која била основа“, се додава во соопштението.

Од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) побараа медиумите да не шират шпекулации и невистини, меѓутоа и дискриминација, насилство и поделеност меѓу граѓаните.

СЕММ е загрижено за зачестените случаи на ширење шпекулации, еднострано известување и невистини преку некои медиуми, особено, како што велат, во контекст на сегашната политичка ситуација и по потпишувањето на договорот за името со Република Грција.

СЕММ апелира медиумите да не шират невистини, насилство и поделеност меѓу луѓето

 Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро ги осудува физичките напади на новинари и сниматели. Според ЗНМ, грижува фактот што незадоволните граѓани се уште нивниот револт го истураат врз новинарите. Повикуваат МВР итно да ги идентификува напаѓачите и да ги изведе пред лицето на правдата.

ЗНМ, исто така, протестира против приведувањето во полиција на новинарот на „Инфомакс“, Борислав Стоилковиќ, поради, како што велат, наводно одбивање да се легитимира и снимање во лице на припадниците на полицијата.

„Неразбирливо е тврдењето на МВР дека новинарот одбил да се легитимира кога од снимките додека е приведуван јасно се гледа неговата новинарска легитимација. Снимањето на полицајци на протести не може да биде основ за приведување на новинари затоа што таква забрана нема во ниту еден закон. Освен тоа, снимањето на однесувањето на полицијата на протести е од висок јавен интерес за да може да се регистрираат евентуалните злоупотреби. Обврска на властите е да ги заштитат и да им обезбедат услови за непречено известувањето на новинарските екипи од протести. Здружението го осудува однесувањето на новинарот Стоилковиќ, кој наместо да известува од протестот стана директен учесник. Го потсетуваме колегата Стоилковиќ дека говорот на омраза и повикување на насилство не се споиви со новинарската професија. Тоа не е слобода на говор, туку негова најбрутална негација“, соопштува ЗНМ.

Епилогот на Министерството за внатрешни работи (МВР) за вчерашниот протест е 10 повредени полициски службеници, 26 приведени лица и седум кои побарале лекарска помош. ОД МВР велат дека голем број  маскирани, насилно ја турнале заштитната ограда и почнале со фрлање на камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието.

Исто така, тврдат од министерството, во 21:30 часот околу 50 демонстранти насилно упаднале во два угостителски објекти, каде е искршен дел од инвентарот и е предизвикана паника и страв кај присутните гости, а демонстрантите некаде врз гостите фрлиле и солзавец.

МВР објави и свое видео од синоќешните случувања пред законодавниот дом.

Во полицискиот извештај стои и запалено комбе „Фиат“, додека за случајот со новинарот од „Инфомакс“ пишува дека тој одбивал да се легитимира, а притоа дал  активен отпор. „Постапувајќи согласно процедурите, лицето е однесено во полициска станица и по утврдувањето на неговиот идентитет, истото веднаш е  пуштено“, се вели меѓу другото во полицискиот извештај.

МВР: Повредени 10 полицајци, приведени 26 лица, а седум побарале лекарска помош  

Обвинителството најави расветлување на случајот. Од таму го потврдуваат билансот на МВР, дополнувајќи дека девет полицајци се со телесни, а еден со тешки повреди. Исто така, меѓу лишените од слобода имало и пет малолетници. Тие се пуштени откако им бил утврден идентитет и возраст.

„Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје на МВР даде насока за обезбедување и доставување релевантен доказен материјал за сите лица лишени од слобода во врска со дејствијата што ги презеле пред Собранието на Република Македонија, како и за малолетните лица претходно лишени и пуштени на слобода. Пред сѐ за обезбедување на снимки од видео записи од поставените безбедносни камери со цел документирање на евентуално незаконито дејствување“, соопштува ОЈО.

Од содржината на видео записите, како и од други обезбедени докази ќе се утврдува евентуалното незаконито дејствување на лицата лишени од слобода, малолетниците, но и на други лица кои биле кај Собранието.

„Основното јавно обвинителство Скопје исто така беше известено и за заканувачки пораки и слики кои преку профили на социјалните мрежи биле објавувани за носители на јавни функции и други службени лица. МВР доби задолжение да се пристапи кон утврдување на идентитетот на лицата од чии профили се упатуваат заканите и да се обезбедат релевантни докази за евентуално сторено кривично дело Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, се вели во соопштението на ОЈО.

И Владата го осуди насилството, говорот на омраза и повиците за насилство од вчерашните настани, кои, велат, имаат за цел да манипулираат и да ги вознемируваат граѓаните на земјата.

„Владата категорично, согласно овластувањата и законите, ќе ја штити безбедноста на граѓаните и институциите и нема да дозволи изолирани групи со насилство да го нарушуваат јавниот ред и мир за да шират атмосфера на страв и несигурност. Повикуваме на разум и на конструктивна атмосфера за дебата и јавно информирање, сè со цел секој граѓанин на Македонија да има можност да донесе сопствен став пред одржување на референдумот којшто следува и слободно да одлучат за македонската просперитетна иднина. Без страв, заплашување и притисок. Ги повикуваме граѓаните да внимаваат и со воздржан однос да ги препознаваат лажните вести и дезинформациите кои се шират преку социјалните мрежи“, соопштуваат од Влада.

Во соопштението, меѓу другото, стои дека сега е моментот сите политички субјекти кои постојано велат дека Македонија нема друга алтернатива за членството во НАТО и во ЕУ, да покажат елементарна политичка одговорност. „Сега е време да се биде чесен кон граѓаните и да се покаже на дело поддршката за европската иднина на Македонија. Секој кој ги повикува граѓаните на насилство има одговорност. Повикот на насилство нема само етичка и морална одговорност, туку и кривична, во согласност со кривичниот законик“, се вели во соопштението.