По дебатерски критериум… логички грешки во колумни [1]

По дебатерски критериум... логички грешки во колумниКолумната „Флоскулите не се решение“ искажува ставови за позицијата на младите и политичките подмладоци во земјата.

Овој текст е кратка анализа на логиката во тврдењата на колумната од дебатерски агол и лоцирање на логичките грешки во текстот. Подолу можете да ги прочитате извадоците од колумната и описот на логичката грешка која ја имаат.

Тврдење : Најверојатно заборавиле да ја прочитаат статистиката за намалената невработеност во државава од 32.0 % на 30.6 % за само неполни две години, или пак намалувањето на стапката на невработеност на младите за цели 2.1 % за само една година. Значи владините мерки за самовработување, финансиска поддршка на правни субјекти, субвенционирано вработување, различните видови на обуки и практиканство од Оперативниот план кој нуди над 3000 вработувања, се успешни.

Логички грешки:

Тексашки стрелец (селективно претставување на информации)
Иако невработеноста е намалена за 2%, земјата се уште рангира на највисоките места за стапка на невработеност споредено со другите земји.

Композиција/поделна (нешто што се однесува на дел од нешто, можеби не е применливо за сите делови)
Овој податок е помалку релевантен за младите во Македонија. Според последното истражување на Реактор – Истражување во акција, нивната стапка на невработеност во споредба со остатокот од населението е речиси двојно поголема.

Тврдење:
(…) владините мерки за самовработување, финансиска поддршка на правни субјекти, субвенционирано вработување, различните видови на обуки и практиканство од Оперативниот план кој нуди над 3000 вработувања, се успешни. (…)намален е бројот на млади луѓе кои што воопшто не учествувале или го напуштиле образовниот систем и тоа двојно од 31.4 на 15.5 %. Во академската 2008/2009 година запишани се 135% повеќе студенти (…). Овие податоци покажуваат задржување на младите овде во Р.М., зголемена доверба и подобро и подостапно образование, како и поголема можност за вработување.

Логички грешки:

Лажна причина (претпоставка дека поrади поврзаноста на некои области или акции, истите влијаат меѓусебно). Нејасно е како споменатите 3000 вработувања (во Македонија живеат 480.000 млади) или зголемениот процент на студенти водат кон зголемена доверба и поголема можност за вработување.

Тексашки стрелец (селективно претставување на информации)
Авторот тврди дека постои задржување на младите во Македонија, додека според Министерството за образование 29 отсто од високообразованите лица живеат надвор, а 85 проценти од младите во завршни студиски години се изјасниле дека својата иднина ја гледаат вон границите на државата.

Тврдење
(…) се споменуваше Скопје 2014, трето дете, бугарски пасоши, и само со една реченица, онака со флоскула се предлагаше решение на проблемот. (…) Мое лично разочарување е што Унијата на Млади Сили на ВМРО-ДПМНЕ нема сериозен партнер особено во вториот по бројност политички подмладок СДММ, кога треба да се зборува за горливите проблеми на младите.

Логичка грешка
tu quoque (одбивање да се одговори на критика со критика кон критичарот)
Наместо да се одговори на нападите и застранувањето на дискусијата со одговор и соодветно насочување, се напаѓа напаѓачот.

Забелешка од дебатерот (лично мислење):

Го делам мислењето со авторот дека нема сериозни подмладоци во земјава. Не е до бројноста која којзнае како се постигнува. Каде се програмите, отворените средби, конструктивноста на овие подмладоци? Или доволни се акции за правање „смајлиња“ од луѓе и хумани ајвар-акции? Kаде точно може да се видат разликите помеѓу подмладоците?
Тие би требало да бидат јавни и транспарентни организации, со јасни информации кои се претставниците, јавна програма, информации за како се контактираат, нешто што во моментов не е лесно да се дознае за сите. Треба да имаат јасни цели, план за работа, начин за вклучување на членовите и нивно надградување и учество во сите процеси. И затоа што ја имаат позицијата да имаат во најмала рака директна комунуникација со партиите, самите подмладоци да лобираат, застапуваат и предлагаат младински политики и да ја прекоруваат партијата кога не е доследна, наместо да чекаат „од горе“ да им кажат каква изјава треба да напишат и што треба да поддржат.

Дона Костуранова, дебатер