По 20 години од првиот филм, најава за четврто продолжение на „Матрикс“ со Кијану Ривс и Кери-Ен Мос

Култната научно-фантастична трилогија „Матрикс“ ќе добие ново продолжение. Во него ќе биде вклучен најголем дел од тимот кој работеше и на претходните три филма.

Од продукцијата „Ворнер Борс“ потврдиле за дел од медиумите дека Кијану Ривс и Кери-Ен Мос се подготвени да се вратат во улогите на Нео и Тринити, а за режијата ќе се погрижи Лана Вашовски.

„Премногу сме возбудени што повторно ќе влеземе во матриксот со Лана“, изјави претседателот на „Ворнер Брос пикчр груп“, Тоби Емерих.

„Матрикс“ првпат излезе пред 20 години. Тој е дело на Лана и нејзината сестра Лили Вашовски, кои пред промената на полот беа браќата Лери и Енди.

Филмот доби две продолженија во 2003 и еден засебен анимиран филм насловен „Аниматрикс“.

„Многу идеи што Лили и јас ги истражувавме пред 20 години за нашата реалност како човештво сега се уште порелевантни. Многу сум среќна што ги враќам овие ликови во мојот живот и сум благодарна за шансата повторно да работам со моите брилијантни пријатели“, рече Лана Вашовски.

Приказната го следи Нео, компјутерски програмер кој открива дека луѓето се претвориле во извор на енергија и се заглавени во виртуелна реалност.