Платформата за аудио книги „Самоглас“ достапна и како мобилна апликација

Самоглас – македонската платформа за аудио книги отсега е достапна и во мобилна верзија. На ова претходеше конкурс на кој македонските автори имаа можност да ги приложат своите дела за од нив да се изработат аудио формати.

„Добивме 95 книги, комисијата ја имаше тешката задача од нив да избере четири. „Двоумење“ на Ива Дамјановски во интерпретација на Васко Костовски и „Модри фантазии“ на Снежана Стојчевска во интерпретација на Ирена Мирческа се веќе достапни на веб и мобилната платформа. Оваа среда ќе имате можност да ја чуете „Кога заминав од „Карл Либкнехт““ на Лидија Димковска, прочитана од Лазар Христов и последното дело за оваа година – „3 минути и 53 секунди“ од Бранко Прља со гласот на Мартин Манев“, вели Христијан Поп-Симонов од „Самоглас“.

Корисниците на Андроид можат да ја најдат апликацијата на следниов ЛИНК, додека корисниците на Епл ОВДЕ.

„Нашата цел оваа година, беше да го актуелизираме аудио форматот и да го доближиме до луѓето. Забележавме огромен раст на бројот на корисници за време на најрестриктивниот полициски час. Иако често зборувавме за креирање на мобилната апликација, тоа беше доволен поттик за да почнеме со реализација. Годинава ја завршуваме со над 6000 регистрирани корисници и над 50 аудио изданија и не би можеле да бидеме позадоволни,“ додава Васко Костовски.

Користењето на веб платформата и мобилната апликација е во целост бесплатно. Кориснички профил може да се направи на www.samoglas.mk или преку симнување на апликацијата.

„Изреализиравме многу проекти, остваривме прекрасни соработки со автори, издавачки куќи, организации, дури добивме и награда за нашите ангажмани, но ништо од тоа немаше да биде возможно без Петар Антевски кој се грижи за целиот изглед на Самоглас и Мартин Тасевски, нашиот софтверски инженер. Во јануари земаме заслужен одмор, а идната година очекувајте лектири и уште дела од македонски автори“, вели Ангела Стојановска.

Проектот за мобилната апликација е работен со поддршка на Владата на РСМ.