„Пласибо“ го откажаа концертот во Скопје и целата турнеја за 2020

Концертот на британскиот рок бенд „Пласибо“ во Скопје е откажан, соопштија синоќа од „Авалон продукција“.

Концертот требаше да се случи на 25 јуни на АРМ Стадионот, но поради пандемијата на коронавирусот, концертот како и целата нивна турнеја за 2020 се откажува.

„Како и со сите турнеи, така и овде се работи на датуми и на нова турнеја за идната, 2021 година, па повеќе за тоа ќе се знае во средината на месец септември. Сите оние коишто не можат и не сакаат да чекаат, ќе можат своите пари да си ги добијат назад од идната среда, 27-ми мај, од 09 часот наутро. Рефундацијата ќе се врши на начин и на местото од каде што се купени билетите“, информираат од „Авалон“. 

Оттаму им се заблагодаруваат на оние кои ќе ги задржат билетите, за овој, но и за други концерти кои се прераспоредени, бидејќи како што велат, ѝ помагаат на музичката лајв индустрија, која е погодена од пандемијата.